Една третина од младите имаат силна желба да ја напуштат државата покажува последната студија на фондацијата Фридрих Еберт. 27 проценти рекле дека имаат слаба желба да емигрираат, а 26 проценти дека немаат намера да ја напуштат државата. Трите главни причини за иселувањето на младите од Македонија се подобар животен стандард, подобри можности за вработување и подобро образование.
– Тој податок дека процентот е висок е делумно точен, меѓутоа не е тоа бројката на млади кои преземаат било какви чекори односно се сигурни во тоа дека сакаат да ја напуштат земјата, што значи дека доколку им се укажат можности за подобрување на животниот стандард, голем дел од нив би останале, вели Нита Старова од Фондацијата Фридрих Еберт.
Како проблеми во општеството, младите ги посочиле корупцијата, социјалната неправда, сиромаштијата, невработеноста. Иако сакаат да се образуваат,тие сметаат дека за вработување повеќе ќе им помогнат врските отколку знаењето. Германија е дефинитивно најпосакувана дестинација за иселување, а по неа следи Швајцарија, покажува студијата.Речиси половина од испитаниците се незадоволни со квалитетот на образовниот процес во Македонија. Дел од причините за незадоволството може да се детекираат во перцепцијата за употребливоста и корисноста на стекнатото знаење.
Младите најмногу сакаат да работат во јавниот сектор (45%), поради „сигурното работно место без страв од отпуштање“ .Среќата е меѓу првите три фактори за наоѓање работа (на прво место се „врски и пријатели“, на второ место „врски со моќни луѓе“).
– Тие покажуваат висока мотивација за учење меѓутоа се загрижени дали ќе најдат работа по завршување на образованието. Преферираат високо образование. за вработување сметаат дека повеќе ќе им послужи да имаат контакти и врски за да се вработат, отколку што тоа ќе го направат квалификациите и завршеното образование, изјави Марија Топузовска Латковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Студијата исто така покажа дека дури 91 % од младите не простојувале во странска земја подолго од 6 месеци. Ако се имаат предвид и одговорите на прашањето колку често престојуваат во странство (1,94 – на скала од 1-никогаш до 5-многу често), може да се констатира дека младите луѓе во Македонија генерално ретко патуваат надвор од земјата, што значи дека нивните очекувања за животот во странство не се базирани врз лично искуство.
Пратеничката Ивана Туфегџиќ, на денешната презентација на резултатите од „Студијата за млади на Северна Македонија“, апелираше до министерот за образование и наука Арбер Адеми, што поскоро да се посвети и да го стави како приоритетно прашање за реконструкцијата на студентските домови.
– Има финансиски средства во буџетот предвидени за реконструкција на студентските домови, но не се прави доволно. Апелирам директно до министерот за образование и наука, што поскоро да се посвети и да се стави како приоритетно прашање реконструкцијата на домовите, нагласи Туфегџиќ.
Посочи дека резултатите од студијата укажуваат дека долго време институциите биле затворени за младите луѓе во процесот на креирање политики.
– Бидејќи таквиот пристап обесхрабрува, креираме законско решение со вклученост на сите страни за понатаму во пракса се имплементира на начин на кој што ќе имаат активно учество во процесите на креирање политики, рече таа.
Студијата опфаќа и податоци што младите прават во слободно време. Иако сакаат да живеат во друга земји, сепак тука слободното време го трошат на социјалните мрежи , а помалку на активизам.
Студијата за млади на Фондацијата Фридрих Еберт е направена по втор пат. Првата анализа беше изготвена пред 5 години.
Извор:НоваТВ











