Вардар се пласираше во големото финале на завршниот турнир во Лигата на шампиони откако ја победи Барселона со магичен пресврт во второто полувреме. „Црвено-црните“ славеа со 29-27 иако на полувремето имаа негатива од 16-9. Вардар воедно стана и првиот тим во историјата на завршните турнири во Келн што дошол до победа откако на полувреме имал неатива од седум голови.

Даинис Криштопанс одигра фантастичен натпревар и беше најдобар стрелец со 10 голови, Игор Карачиќ постигна пет, четири голови имаше Фереира Мораеш. Дејан Милосављев имаше 15 одбрани на голот на Вардар.

Алеиш Гомез со девет голови беше најефикасен во редовите на Барселона.

Ракометарите на Вардар вечерва ќе го играат своето второ финале во Лигата на шампионите. Пред две години „црвено-црните“ во борбата за трофејот го победија Пари Сен-Жермен.

Противникот на македонскиот состав, унгарскиот претставник Веспрем ќе се обиде по четврти пат да се искачи на европскиот ракометен трон. Во претходните три обиди тоа не им успеа. Беа поразени од Магдебург во 2002 година, од Барселона во 2015 и од Киелце во 2016 година.

Завршниот меч од ракометната Лига на шампиони за сезоната 2018/19 меѓу Вардар и Веспрем ќе се игра денеска во Келн со почеток во 18 часот.

Како што најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов финалето ќе се следи на голем видеобим на плоштад.

Градот Скопје на нашиот плоштад на видеобим организира заедничко следење и бодрење за новиот триумф на Вардар и неговата нова европска шампионска титула. Ајде масовно сите на плоштад. Еден е Вардар!!! Едно е Скопје!!!, повика Шилегов.