На Градскиот плоштад во Копенхаген и оваа година се одржа традиционален ифтар на кој се собраа поголем број верници.

КОПЕНХАГЕН (АА) – Радикалните десничари синоќа протестираа поради одржувањето ифтар во главниот град на Данска, Копенхаген, при што запалија Куран и извикуваа исламофобни и ксенофобни слогани, јавува Anadolu Agency (AA).

На Градскиот плоштад во Копенхаген и оваа година се одржа традиционален ифтар на кој се собраа поголем број верници.

На плоштадот се собраа и група радикални десничари кои ги предводеше Расмус Палудан, лидерот на партијата Цврст правец.

Десничарите на плоштадот запалија Куран и на балкон од хотелот поставија транспарент со пораката „Европа е наша“.

Данската полиција ги отстрани транспарентите и ја оддалечи радикалната група од плоштадот.

Од друга страна, на муслиманите кои беа собрани на ифтарот, порака на солидарност им упатија група Данци кои во жолти елеци стоеја околу плоштадот, сѐ додека траеше ифтарот.

На ифтарот се собраа речиси 2.000 верници, а полицијата презеде зајакнати безбедносни мерки. Паралелно со тоа, во џамијата „Фатих“ во местото Хедехусен синоќа изби пожар. Станува збор за џамија која се наоѓа 35 километри од центарот на Копенхаген. Турскиот „Дијанет“, џамијата ја изгради пред шест години. Со навремена интервенција пожарникарите успеаја да го спречат ширењето на пожарот.

Турскиот амбасадор во Копенхаген, Угур Кенан Ипек, изјави дека во пожарот немало настрадани, но дека е причинета материјална штета.

Причината за пожарот е предмет на истрага, а амбасадорот Ипек изјави дека е неопходно да се преземат сите превентивни мерки.

„Од надлежните власти не очекуваме да ги штитат само припадниците на турската заедница, туку да ги штитат сите муслимани од можните напади. Ни кажаа дека сакаат да соработуваат со нас“, изјави Ипек.

Членот на одборот на џамијата „Фатих“, Туран Акбулат, изјави дека на полицијата ѝ се предадени сите снимки од надзорните камери и дека се води истрага за причината за пожарот.

Тој изјави дека џамијата е оштетена во поголема мерка и дека поради тоа во неа нема да може да се изведе молитвата по повод Бајрам.