Баша му порача на Рама: Ќе се молиш да ја имаш судбината на Груевски

0
127

Пред денешниот петти голем протест на обединетата албанска опозиција, синоќа лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша му порача на премиерот Еди Рама да не се прави силен, бидејќи во „најдобар случај ќе се моли да ја има судбината на Никола Груевски“.

-По драмата на синоќешното насилство против опозиција, што го видоа сите Албанци и целиот свет и пред утрешниот народен протест во 18,30 часот сакам јасно да му порачам на лидерот на кликата на власт: „Не ја преминувај границата. Не се прави силен со оклопни возила и солзавец. Заборави дека можеш да дојдеш и да бидеш на власт со насилство. Во најдобар случај ќе се молиш да ја имаш судбината на Никола Груевски, изјави Баша.

Посочи дека неговата Демократска партија и целата обединета опозиција настојуваат да ја вратат политичката нормалност во земјата, демократијата, надежта и можноста секој Албанец да живее достоинствено.

Баша еден час пред полноќ објави и видео снимка во која упати апел до граѓаните да се придружат на протестот што ќе се одржи денеска во 18,30 часот, бидејќи „надежта е осветлена“.

-Ништо не може да ги запре Албанците да се борат за слобода, за европски стандарди. Надежта е осветлена! Криминалната власт повеќе не може да ја засени, денес сме посилни од било кога. За Албанија, како цела Европа, стои во видео пораката објавена од Баша.

Претходно Баша порача дека деновите на „криминалната хунта и на балканскиот Мадуро ( Еди Рама) се избројани“.

Рама, пак, еден ден по седумчасовнот протест на опозицијата кој беше пропратен со тензии, насилни акти и судир со полицијата, индиректно укажа дека не помислува да ги прифати барањата на опозицијата за негово заминување и да го отстапи местото на преодна влада која ќе организира предвремени избори.

-Владата не е погодена ниту со седум, ниту со 7.000 часови димни бомби и молотови коктели. Ние сме со голема одговорност. Не функционира со „ослободи му го патот на лудакот“. Никако!, и порача Рама на опозицијата.

Рама упати апел да се зачува ладнокрвноста и да не се дозволи една група предводена од слепилото на очајот да се вмеша повеќе отколку што треба во животот на албанските граѓани.

Тој ја повтори поканата за дијалог до „неговиот пријател изгубен низ улиците“ како што го нарече лидерот на демократите, Љуљзим Баша и го обвини претседателот на државата Илир Мета дека никогаш не го повикал да разговараат за изнаоѓање решение за кризата.

Рама е категоричен дека локалните избори на 30 јуни ќе бидат спроведени а секој кој ќе се се обиде да го попречи гласањето и во само едно гласачко место ќе добие казна според кривичниот закон.

-Нема ни теоретска а ни практична можност да се урне една легитимна влада, прозлезена од избори спроведени кога ти си бил дел од влада. Нема можност, тоа нема да се случи. Целта е нешто друго. Тоа е да се стави земјата во услови на немоќ и да се уништи основата на уставниот поредок, обвини Рама.

Извор:НоваТВ