Ердоган: „Одлуката за прегласување во Истанбул е важен чекор за демократијата“

0
154

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека одлуката на врховното изборно тело на земјата за повторни избори во Истанбул е важен чекор во зајакнувањето на демократијата во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

„Оваа одлука нa Врховната изборна комисија на Турција (YSK), која ќе ја отстрани сенката од изборите во Истанбул, ја гледаме како важен чекор во зајакнувањето на демократијата на Турција“, изјави Ердоган за време на неговото обраќање пред пратениците на владејачката Партија за правда и развој (АK Parti), на состанокот на парламентарната група.

Тој ги даде овие изјави ден откако Врховната изборна комисија на Турција (YSK) објави дека повторните избори во Истанбул ќе бидат одржани на 23 јуни.

Членовите на Комисијата ги прифатија приговорите на АК Партијата за резултатите од локалните избори во Истанбул, со 7 гласа „за“ и 4 „против“.

Од Врховната изборна комисија на Турција (YSK) се вели дека одлуката била донесена бидејќи некои членови на Комисијата за време на изборите не биле државни службеници како што било пропишано според закон.

„Не постои такво нешто дека АК Партијата не ги прифаќа резултатите коишто произлегуваат од гласачката кутија“, изјави Ердоган.

„Ние искрено сметаме дека на изборите во Истанбул се случи организирана корупција, крајно беззаконие и нерегуларност“, рече турскиот претседател.