Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, истакна дека израелската војска ќе продолжи со нападите кои ги започна вчера во Појасот Газа, кој е под блокада, јавува Anadolu Agency (AA).
Нетанјаху пред состанокот на неговиот кабинет даде изјава во врска со тензиите во Газа.
Тој ги обвини Хамас и Исламски џихад поради зголемената тензија, со тврдење дека палестинските групи „платиле скапа цена“.
Нетанјаху нагласи дека дал инструкции за засилување на израелските сили во подрачјата близу границата со Газа.
„На израелската војска ѝ наредив да продолжи со опсежни напади против групите во Појасот Газа“, додаде тој.
Израелската војска од вчера врши напади во Газа како одговор на ракетите лансирани од Газа кон израелската страна.
Во соопштението на израелската војска беше наведено дека од вчера биле погодени над 220 цели на Исламски џихад, како и на бригадата „Изедин ел Касам“, која е воен огранок на Хамас во Газа.
Според ова соопштение, палестинските групи од вчера, од Газа кон израелската страна лансирале 430 ракети, од кои поголемиот дел биле уништени од израелскиот воздушно-одбранбен систем наречен „Железна купола“.
Палестинското Министерство за здравство во Газа соопшти дека во израелските напади загинале 7 Палестинци, меѓу кои 14-месечно бебе и една бремена жена, додека 65 лица се повредени.
Како резултат на лансираните ракети, животот го загубил еден Израелец, додека две лица се повредени.










