Заев: „Сега е време и ЕУ да преземе одговорни чекори за Северна Македонија и за Западен Балкан“

0
8

Владина делегација предводена од премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, присуствуваа на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин, во организација на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Шмануел Макрон, пренесува Anadolu Agency (AA).

По пристигнувањето од Конференцијата за Западен Балкан во Берлин, премиерот Зоран Заев, преку својот кабинет за односи со јавноста испрати писмено соопштение до медиумите.

„Почитувани граѓани, бидете горди. Европа го слави успехот на нашата земја, а тоа е заеднички успех на сите вас. Да продолжиме на патот кон заедништвото со сите народи од Балканот и од Европа, до конечна реализација на европската идеја за обединување и до конечна реализација на нашата идеја за едно општество во кое секој граѓанин е важен и почитуван“, стои во писменото соопштение од Кабинетот на премиерот.

Иако проширувањето на Унијата не била тема на Конференцијата, во соопштението од Кабинетот на премиерот се вели дека биле искористени сите можности да се испрати пораката на граѓаните на Северна Македонија до Европа, дека земјата е подготвена да придонесе уште повеќе и да биде јадрото на Балканот од кое извира европската идеја за заедништво, солидарност и соработка.

„Порачавме дека стабилноста и реформите кои ги испорачуваме мора да бидат разбрани како сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија во текот на летото. Презедовме одговорност за себе и за регионот. Сега е време и Европската Унија да преземе одговорни чекори за Северна Македонија и за Западен Балкан, што впрочем ќе значи и одговорност кон сопствените европски народи“, се нагласува во соопштението, и се додава дека во духот на соработката и интеграцијата, сега е неопходно и Унијата, да преземе чекори кои се во согласнот со европската идеја за сојузништво на различностите, барајќи постојана грижа за себе и за другиот.

Според премиерот Заев, Северна Македонија и Договорот постигнат со Грција биле инспирација за почетокот и крајот на речиси секоја дискусија на Конференцијата со заклучок дека соработката и стабилноста се суштината на заедничката европска перспектива на регионот.

„Првиот, најважен и најмногу нагласуван заклучок е дека успешниот договор што го постигнавме со Грција е модел за решавање отворени прашања и конфликти“, се вели во соопштението од Кабинетот на премиерот.

Во соопштението, исто така се истакнува дека меѓу заклучоците на Конференцијата за Западен Балкан била потенцирана и важноста за постигнување конечен договор за целосно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово како нов важен придонес кон стабилноста во регионот.