Последна недела кампања пред завршното гласање за избор на претседател

0
177

Почнува последната недела од кампањата за вториот круг на претседателските избори што треба да се одржат на 5 мај. Се очекува кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова да продолжат со трибините и митинзите на кои пред гласачите ќе ја презентираат својата изборна програма.

За велигденските празници и двајцата кандидати немаа класични предизборни активности, туку само средби со граѓани и посета на повеќе верски објекти.

Кампањата ќе трае до петок во 24 часот кога почнува предизборниот молк. В сабота ќе гласаат изнемоштените, болните и лицата во затвор и притвор, како и граѓаните на привремена работа во странство кои се пријавиле за гласање во дипломатско конзуларните претставништва на земјава.

За да успее гласањето на 5 мај неопходно е да излезат најмалку 40 отсто од гласачите запишани на единствениот избирачки список или 723.253 гласачи од вкупно запишаните  1.808.131 гласач. Ќе победи кандидатот кој ќе освои мнозинство од гласови. Доколку не се исполни цензусот изборите ќе се сметаат  за неуспешни и ќе треба претседателот на Собранието да прогласи нови избори.

Според претходните најави од политичките партии, доколку не успеат изборите се предвидува и опцијата за уставни измени и претседателот на државата да се бира во Собранието наместо на непосредни избори. Премиерот Зоран Заев, пак, деновиве најави дека е можно одржување и на предвремени парламентарни заедно со повторените претседателски избори доколку не се исполни цензусот на изборите.

Лидерот на опозицијата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува да биде постигнат цензус на вториот круг од претседателските избори на 5 мај.

И лидерот на владејачката ДУИ Али Ахмети се надева на поголема излезност во вториот круг. Тој по денешниот собир на подмладокот на партијата изјави дека е убеден оти ќе има цензус на претседателските избори и дека сите органи на неговата партија работат на тоа цензусот да биде постигнат.

Продолжува и кампањата пред вториот круг гласање за  избор на градиначалник на Охрид и Ново Село, на вонредните локални избори.

Во Охрид ќе се одлучува меѓу кандидатот на СДСМ Константин Георгиески и на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошевски.

Во Ново Село исто така ќе се соочат кандидатот од ВМРО ДПМНЕ Николчо Стоилков и на СДСМ Никола Ангелов.

Извор:НоваТВ