„Работиме на тоа Мадуро мирно да ја предаде власта на Хуан Гваидо во Венецуела. Многумина сфатија дека експериментите со Хуго Чавез и Николас Мадуро пропаднаа, и дека треба да завршат…“
ВАШИНГТОН (АА) – Советникот за национална безбедност на Соединетите Американски Држави (САД), Џон Болтон, за време на телевизиско гостување рече дека Вашингтон се обидува да собере што поширока коалиција за смена на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новинарот на Си-ен-ен (CNN), Џејк Тапер, го потсети Болтон на неговата неодамнешна порака на социјалните мрежи дека сите оние кои го поддржуваат диктаторот во Венецуела, кој ги крши човековите права и краде од луѓето кои умираат од глад, треба да одговараат.
Тапер потоа го праша советникот на Белата куќа дали тоа се однесува и во случај на поддршката на другите диктатори во светот и истакна дека САД официјално поддржуваат режими кои ги кршат човековите права во Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Болтон не одговори на тоа прашање, но рече дека за ситуацијата во Венецуела има над 150 објави на социјалните мрежи.
„Работиме на тоа Мадуро мирно да ја предаде власта на Хуан Гваидо во Венецуела. Многумина сфатија дека експериментите со Хуго Чавез и Николас Мадуро пропаднаа, и дека треба да завршат. Затоа работиме на собирање што поголема коалиција за смена на Мадуро“, изјави Болтон.
На тоа новинарот Тапер праша дали Болтон смета дека истото тоа важи и за другите режими во светот, кои ја имаат поддршката на САД.
Болтон само кратко рече дека не се согласува со новинарот.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за својот втор мандат, по изборите кои опозицијата ги бојкотираше.
Напнатоста дополнително се зголеми кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател, и беше поддржан од страна на САД и многу европски и латиноамерикански земји. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржуваат Мадуро.










