Индиски борбени авиони влегле во воздушниот простор на Пакистан и извршиле серија бомбашки напади.
“После ефективниот одговор од страна на пакистанските воздухопловни сили, индиски борбени авиони фрлиле убиствен товар додека бегале, а кој паднал во Балакот”, изјавил генерал Асиф Кафур, портпарол на канцеларијата за комуникација на пакистанската војска.
Според пакистанските извори, индискиот напад не оставил “никакви жртви или штета” во операцијата во областа Балаката во провинцијата Кибер Пахтунхва, територија надвор од спорниот регион Кашмир.
Кратко потоа, индиската новинска агенција АНИ, осврнувајќи се на изворите на воздухопловните сили, објави дека 12 авиони Мираж 2000 ја преминале контролната линија во 3:30 по локално време, фрлајќи 1000 килограми бомби на кампови на милитанти.
Од своја страна, индискиот државен министер Гајендра Синг Шехават го потврдил нападот “врз милитантните кампови по контролната линија”.
Долгорочните тензии помеѓу Исламабад и Њу Делхи се зголемија на 14 февруари, кога наводно вооружена група седиште во Пакистан извршила самоубиствен напад во регионот Пулвам во Кашмир и убила 42 лица вработани како персонал на Централната резерва полиција во Индија.
Откако го обвини Пакистан за помагање на сторителите на нападите, Индија ги зголеми даноците за увозот на Пакистан за 200 отсто и вети дека ќе го изолира својот сосед од меѓународната заедница.
Двата народа се борат за регионот Кашмир од независноста во 1947 година, и поради таа територија тие веќе водеа две војни.
По нападот во регионот Пулвам, индиското Министерство за внатрешни работи нареди распоредување на меѓу 9.500 и 12.000 паравоени сили во Кашмирската долина, мерка што ги предизвика критиките на Исламабад.
Пакистанската влада вчера истакна дека Кашмир “никогаш не бил и нема да биде” дел од Индија и побара од својот сосед да престане да го злоупотребува локалното муслиманско население во Кашмир.











