Бројот на загинатите во автобуската несреќа на Автопатот Скопје – Тетово, се зголеми на 15 лица
СКОПЈЕ (АА) – Почина уште едно лице кое беше повредено во автобуската несреќа што се случи на Автопатот Скопје – Тетово, со што бројот на загинатите се искачи на 15 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Министерството за здравство на Република Северна Македонија се наведува дека на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Скопје, утринава во 5:00 часот, починал уште еден од патниците кои настрадаа во сообраќајната незгода кај селото Ласкарци.
Се вели дека станува збор за маж на возраст од 39 години, 15-тиот загинат патник.
Според соопштението, патникот при несреќата се здобил со тешки повреди на градниот кош и белите дробови и веднаш бил пренесен во болницата „8-ми Септември“, но, поради сериозноста на повредите уште ноќта бил префрлен на КАРИЛ.
Патнички автобус на 13 февруари излета од Автопатот Скопје – Тетово и се преврте во близина на селото Ласкарци на излезот од Скопје кон Тетово. Досега животот го загубија 15 лица, додека над 30 лица се повредени.
Сочувство упатија и бројни функционери и претставници на институции од земјата и регионот, меѓу кои и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.









