Водечките сили на Европската Унија (ЕУ) развија нов механизам INSTEX за продолжување на соработката со Иран во избегнување на американските санкции, пренесува Anadolu Agency (AA).
Механизмот Инструмент за поддршка на размената на трговијата (INSTEX) ќе биде со седиште во Париз, а германската државна телевизија (NDR) јави дека на чело на Механизмот ќе биде германски банкарски експерт.
„Водечките сили на ЕУ, Германија, Франција и Велика Британија ќе се обидат да го одржат жив иранскиот Договор за нуклеарната програма, со нудење на европските фирми алтернативни канали за плаќање“, велат извештаите.
„Трите земји, кои се потписнички на Договорот за нуклеарната програма, ќе назначат официјални претставници во Надзорниот одбор на INSTEX, а Механизмот ќе биде отворен и за учество на други земји членки на ЕУ“, се вели во извештајот.
И покрај минатогодишната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување од Договорот за нуклеарната програма, потпишан со Техеран во 2015 година, Германија, Франција и Велика Британија инсистираа на тоа дека Договорот е најефикасен начин да се спречи Иран во развивање на нуклеарна технологија за воени цели.
Светските сили, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, се согласија во 2015 година да ги укинат економските санкции врз Иран, во замена да се согласи да ја ограничи својата нуклеарна активност на мирни и цивилни цели.
Договорот беше потпишан меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Германија.










