Турската полиција изминатиов викенд во источниот дел на Турција заплени рекордни 1,5 тони хероин, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата на гувернерот на турската област Ерзурум соопшти дека полицијата спровела успешна операција и од еден шлепер запленила вкупно 1,535 килограми чист хероин.
Дрогата била спакувана во 17 вреќи скриени меѓу мраморни плочи кои ги превезувал шлеперот од Иран кон Истанбул.
Во соопштението се наведува дека тоа е најголемата количина на запленет хероин во една полициска акција во модерната историја на Турција.
Уапсени се возачот на камионот и уште три осомничени лица кои во Истанбул ја чекале пратката.
Во последниот извештај, Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека полицијата во земјата во текот на минатата година запленила вкупно 17,3 тони дрога и уапсила најмалку 1.500 лица кои се сомничат за криумчарење.











