„Користењето национални валути во меѓународната трговија меѓу исламските земји е важен чекор кон кршењето на империјалистичките окови“, нагласи денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во обраќањето на 34. сесија на министерско ниво на Постојаната комисија, во Истанбул, истакна дека интензивирањето на трговијата меѓу земјите членки на Постојаната комисија за економска и трговска соработка на Организацијата за исламска соработка (COMCEC) ќе ги направи посилни.
Тој потенцираше дека зголемувањето на меѓународната трговија меѓу исламските земји е клучна, и додаде: „Ги повикувам исламските земји да ги завршат процедурите и да ги ажурираат листите за концесии за да го направат преференцијалниот трговски систем реалност“.
Осврнувајќи се и на годишнината од завршувањето на Првата светска војна, тој рече дека крвопролевањето и кризите во регионот, од Сирија до Ирак, Јемен и Палестина, проникнуваат од линиите исцртани на крајот на војната.
„Муслиманите не треба повеќе да бидат измамени од оние кои се обидуваат да ги подгреваат нивните разлики и да ги вртат едни против други“, додаде тој.
Турскиот претседател, исто така, истакна дека во регионите каде што границите се исцртани со крв, не треба да се подигнуваат нови граници, нови ѕидови во срцата.
Тој нагласи дека ако милиони се сиромашни и гладни во Јемен, муслиманите се одговорни за тоа, не другите.
„Нема потреба на други места да ги бараме одговорните за гладта и страдањето на милиони луѓе во Јемен. Виновни сме ние, муслиманите, односно наводните муслимани“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека системот за постојано членство во Советот за безбедност на Обединетите нации е неправеден, тој повторно ги нагласи потребните реформи во ОН.
Турскиот претседател долго време се залага за проширување и реформи на Советот за безбедност, користејќи го слоганот: „Светот е поголем од пет“, мислејќи на петте постојани членки на Советот.
„Не смееме да паѓаме во стапиците што ги поставуваат оние што се однесуваат според логиката: Една капка нафта е подрагоцена од една капка крв“, рече Ердоган.
Повикувајќи ги луѓето да го посетат Ерусалим, турскиот претседател рече: „Меѓународните организации ги разочараа муслиманите во врска со Палестина и граѓанските војни, иако муслиманите ги притискаа за решенија“, и додаде дека: „Сè додека постојат муслимани и луѓе кои ја бранат правдата и слободата, ќе постои и Палестина.“
Триесет и четвртата сесија на министерско ниво на Постојаната комисија за економска и трговска соработка на Организацијата за исламска соработка (COMCEC) ќе трае до утре.









