Обвинител на СЈО за прв пат ќе го застапува предметот Маѓар Телеком. Тројца екс-директори на компанијата признаа вина и се спогодија со американскиот суд. Во Македонија се обвинети тројца директори на компанијата, но не и политичарите кои наводно примале мито.
Судењето за случајот Маѓар Телеком кој од 2011 година никако да добие разрешница во Македонија, продолжува утре, но овој пат надлежно обвинителство е СЈО. Предметот ќе го застапува обвинителката Лиле Стефанова.
Откако лани американскиот суд се спогоди со тројцата поранешни директори на компанијата дали сега ќе лоцира вината кај оние кои примиле мито и дали тие ќе сносат одговорност?
Откако во 2011 година Дојче Телеком и Маѓар Телеком се согласија да платат казна од 95 милиони долари во замена за прекин на постапката против компаниите, Американската комисија за хартии од вредност го покрена процесот против тројцата директори.
Елег Штрауб и Андраш Балог во април, 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк да платат парични казни и пет години да им биде забрането да вршат дејност во сите акционерски друштва. Штрауб требаше да плати 250,000 илјади долари, а Балог 150,000 долари. Третиот обвинет во случајот, Тамаш Морваи во феверуари истата година се спогоди да плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.
Тие беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од околу 4,8 милиони евра со цел да ја одложат либерализација на телекомуницискиот пазар. Според обвинението поднесено од Америкаснката комисија за хартии од вредност, екс директорите на Маѓар Телеком под маската на консултански и маркетинг услуги ги исплаќале парите.
Мито од 4,8 милиони евра
Преговорите за остварување на шемата, преку грчка фирма се случувале од декември до мај 2005 година и резултирале со два тајни договори. Првиот бил „Протокол за соработка“, каде се наведени отстапките кои ќе ги направат македонските власти и што ќе добијат за возврат. Во вториот договор „Нон пејпер“ се наведува митото од 19,5 милиони евра. Но, биле исплатени 4,8 милиони евра, бидејќи шемата била откриена.
Копија на договорот потпишан од страна на екс директорите на Маѓар Телеком, како и од висок функционер од владејачката партија, во тоа време СДСМ, задржала само грчката фирма со цел да се скријат трагите. Лидер на СДСМ тогаш беше Владо Бучковски, кој беше и премиер на земјата.
Неопходна била поддршката и од помалиот коалиционен партнер, односно ДУИ за спроведување на договорот, а Штрауб, Балог и Морваи според обвинението, сфатиле и потврдиле во писмена форма дека ДУИ ќе го покопа договорот во рок од два месеци доколку не им биде исплатено мито. Според обвинението, биле направени шест лажни договори преку кои грчката фирма индиректно ќе ги исплати парите.
Маѓар Телеком ги добиле придобивките како резултат на корумпираните плаќања, при што македонската влада го одложи воведувањето на третиот мобилен оператор до 2007 година и ја намали цената на лиценцата за фрекфенции.
Сведочењето на Богоески
Аферата доби нови димензии по сведочењето на екс-разузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк кое беше објавено јавно и за прв пат во јавноста беа псоочени конкретни имиња. Во сведочењето Богоески тврдеше дека мито од Маѓар Телеком земале поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами, а вмешан бил и поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Повеќе на: РСЕ










