Според последните официјални статистички податоци, просечните плати во регионот највисоки се во Словенија и Хрватска, а најниски во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).
Според најновите податоци на словенечкиот Завод за статистика, просечната месечна нето-плата во оваа земја во август оваа година изнесувала 1.082 евра.
Истовремено, тоа е единствена плата во регионот која го надминува износот од 1.000 евра.
По Словенија следува Хрватска, уште една членка на ЕУ од регионот, во која од август оваа година просечната плата изнесува 6.264 куни или 843 евра.
Имено, податоците од Државниот завод за статистика на Хрватска покажаа дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработено лице кај правните лица во Република Хрватска за август 2018 година изнесувала 843 евра, што е номинално и реално повеќе за 0,9 отсто во однос на јули 2018 година.
Следува Црна Гора во која, според последните податоци на Монстат, просечната заработка без данок и придонес во септември изнесуваше 512 евра, што е за 0,2 отсто повеќе отколку во август.
Најниски просечни плати во регионот се забележани во Македонија, Србија и БиХ.
Имено, според податоците на Агенциjата за статистика на БиХ, просечната месечна исплатена нето-плата по вработено лице кај правните лица во БиХ за септември 2018 година изнесувала 877 KM или 448 евра, што покажува номинален раст за 1,7 отсто во однос на декември 2017 година.
Според податоците на Републичкиот завод за статистика на Србија, просечната заработувачка без данок и придонес (нето), пресметана за август 2018 година изнесувала 49.773 динари, односно 421 евро.
Најновите статистички податоци на Заводот за статистика на Македонија покажаа дека просечната плата во земјата во август оваа година изнесувала 24.210 денари или 393 евра.










