Бегството на Груевски за дефокусирање од другите проблеми

0
190

Една недела меѓу главните вести и во македонските и во балканските медиуми се темите како избегал и каде е сега поранешниот премиер Никола Груевски. Аналитичарите велат дека суштински е да се одговори зошто избегал, чиј е пропуст и одговорноста, а надлежните да излезат со конкретни информации.

Како поранешниот премиер и актуелен почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски избегал од Македонија, како стигнал до Унгарија, дали е уште таму и дали ќе остане таму– една недела по неговото бегство, за овие прашања има повеќе одговори во медиумите, но ниту еден официјален и конечен од македонските државни служби.

Како Груевски избегал и каде е сега не е суштински важно за државата и тоа е дефокус, вели комуникологот Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис.

Овој дефокус оди во интерес само на затскривање на одговорноста на Министерството за внатрешни работи и на судските органи околу бегството на Груевски. Значи, главното прашање е зошто Груевски избегал, а не како и каде е сега” вели Трошановски.

Тој додава дека ако се поставува вистинското прашање кое вели е “зошто Груевски успеал да избега”, тогаш ќе треба да се лоцира и виновникот кој тоа го овозможил.

Во меѓувреме од час во час се објавуваат вести во балканските медиуми за рутата и организацијата на бегството на Груевски. Па така албанските медиуми пишуваат дека Груевски во неделата на 11 ноември влегол во Албанија нелегално на граничниот премин кај Дебар, додека македонските надлежни се уште не објавуваат детали.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов претпоставува дека тие се и “повнимателни” со информациите затоа што, како што вели, можеби некои од таквите вести се пласираат за да бидат во функција на одбрана на други земји, служби, дипломатии итн.

Но, според него во функција на истрагата, македонските служби треба да работат побрзо и поефикасно и да воспостават соработка со моќните разузнавачки служби како американската и германската. Трајанов тврди и дека сега во македонскиот разузнавачки систем има хаотична ситуација во однос на соработката меѓу службите.

Мислам дека целокупната одговорност паѓа на Владата да ги консолидира службите за безбедност и да функционираат така како што треба ”, вели Трајанов.

Повеќе на: РСЕ