Унгарскиот европратеник од партијата на Зелените, Бенедек Јавор, во разговор со МИА вели дека според унгарските закони Никола Груевски треба да биде вратен во Македонија, но поради добрите врски меѓу Груевски и Орбан не очекува тоа да се случи. Според него едно од можните сценарија по кои ќе постапи унгарската Влада е да му озвоможи на Груевски да стигне до земја која не е членка на ЕУ.
„Тој е во Унгарија и ова создава тешка состојба за унгарската влада затоа што сметам дека е правна гледна точка Груевски треба да биде вратен во Македонија и македонските власти треба да се справат со овој случај. Се разбира знаеме дека има близок однос и пријателство помеѓу Орбан и Груевски, така што сомневам дека ова ќе се случи.
Но ако не се случи, се отвораат правни прашања и делумно е јасно дека е одлука на владата да застане зад Груевски, што значи дека можеби им служат на руските интереси против јасни позиции на НАТО и ЕУ. Можеби е исто така одлука на владата да се одлучи помеѓу руската и европската ориентација. Ова е комплексна ситуација.
Трета можност е да не му се даде политички азил туку да се задржи во Унгарија одреден период додека пронајде побезбедно место за себе и тогаш некако да се пушти да стаса во земја надвор од ЕУ, што е решение во кое Унгарија не му дава политички азил затоа што тоа би и создало многу проблеми, а сепак да му помогне на Груевски да ги избегне правните последици во Македонија – вели Јавор за МИА.
Тој смета дека Европска Комисија треба да го отвори прашањето за бегството на Груевски, затоа што ги загрозува темелните европски безбедносни интереси.
„ ЕК секогаш прво се обидува да ги реши проблемите без да се инволвира јавноста, но верувам дека веќе денеска ЕК е во контакт со унгарските власти и го отвора прашањето – вели Јавор
Според унгарските домашни закони Македонија за Унгарија важи за безбедна трета земја и бегалците кои пристигнуваат од Македонија треба да бидат вратени во Македонија. Дотогаш лицата кои бараат азил, а немаат пасош треба да бидат сместени во транзит зоната на границата со Србија.










