Италија: Делегација на Турција ја напушти меѓународната конференција за Либија

0
296

Делегација предводена од потпретседателот на Република Турција, Фуат Октај, се повлече од денешната меѓународна конференција за Либија што се одржува во италијанскиот град Палермо, јавува Anadolu Agency (AA).

Потпретседателот на Турција, Октај, денеска им се обрати на новинарите во Палермо и им соопшти дека некои кругови се обиделе да го злоупотребат тоа што Италија е домаќин на конференцијата и сакале да интервенираат еднострано.

„Во Либија е невозможно да се воспостави стабилност сѐ додека некои држави го поткопуваат процесот со сопствените интереси“, порача Октај.

Истакнувајќи дека на Либија ѝ е потребна помала, а не поголема странска интервенција, потпретседателот Октај рече дека Турција, за разлика од другите, е подготвена за широк дијалог со сите актери во Либија и регионот.

Тој додаде дека одговорните за моменталната тешка ситуација во Либија не можат да дадат позитивен придонес за подобрување на ситуацијата во земјата.

Октај рече дека Турција остро се противи на крајно погрешните практики, какви што биле утринските неформални состаноци со некои субјекти кои сакаат да се наметнат како главни актери во Медитеранот.

„Турција со длабоко разочарување го напушта овој состанок“, порача турскиот потпретседател Октај, и додаде дека такви собири не можат да придонесат за решавање на кризата во Либија, сѐ додека Турција не присуствува на нив.