Работодавачите постојано се жалат дека недостигаат квалификувани работници. Во Агенцијата за вработување има повеќе невработени отколку што се нудат работни места, но ако се погледнат огласите за работа, може да се забележи дека често се нуди минимална плата за доктори или за инженери.
Недостигаат квалификувани работници во Македонија или недостигаат квалификувани работници за мали пари? Работодавачите постојано се жалат дека не можат да најдат квалификувани работници. Работниците, пак, велат дека не им се исплати да кинат чевли за 12 илјади денари.
Според Агенцијата за вработување, во Македонија има над 185 илјади невработени, од кои над 95 илјади луѓе активно бараат работа. Од друга страна, има над 6.300 активни огласи за вработување.
На пример, во моментов има 16 огласи за вработување програмер. Платите што се нудат се движат од 15 до 43 илјади денари. Во моментов во земјава има пријавено 18 невработени програмери. Има четири отворени огласи за ѕидари, со плата од околу 12 илјади денари, а во Македонија има над 130 невработени ѕидари. Има речиси 200 невработени шивачи, а во моментов има 23 активни огласи за вработување шивачи, за кои најчесто се нуди минимална плата од 12 илјади денари.
Во државава постојано се нагласува и дека недостигаат лекари и дека голем дел од нив се иселуваат во западните земји. Во Агенцијата за вработување има 8 огласи за вработување доктори, а платата што се нуди е меѓу минималните 12 илјади денари, па до највисоката понуда од 38 илјади денари. Како невработени се пријавени над 120 доктори по општа медицина, но неизвесно е колку тие би се пријавиле на оглас за вработување кој нуди минимална плата.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на средбата со премиерот Зоран Заев минатиот месец рече дека во услови на недостиг на стручен кадар треба да се забават активностите за привлекување странски инвеститори, затоа што нема кој да работи.
Во меѓувреме државата почна со проект на преквалификација на невработените, според потребите на бизнис секторот. Азески рече дека стручниот кадар е клучен за нивната работа.
Повеќе на: РСЕ











