Немаше ништо неочекувано во врска со референдумот. Беше јасно дека владата во Скопје ќе се бори да го достигне прагот од 50 отсто за да го оствари цензусот. Исто така, сигурно беше дека гласањето со “да” ќе биде во силно водство, пишува во својата колумна за Катимерини, д-р Димитар Бечев.
Единственото изненадување е поврзано со неуспехот на албанските партии вклучени во кабинетот на Зоран Заев, пред се Демократската унија за интеграција предводена од Али Ахмети да ги собере своите сонародници во голем број региони низ целата земја. Постојат различни хипотези за ова: од конкуренција во албанската заедница, која е инаку јасно прозападна, до желбата да се казни Ахмети за слабиот интерес кон прашањето за името.
Што е следно? Преспанскиот договор не е мртов, без оглед на неговите клеветници. Парламентот мора да гласа за промена на уставот, бидејќи референдумот не беше обврзувачки. Опозицијата ВМРО-ДПМНЕ го има клучот, затоа што се потребни 2/3 од гласовите во парламентот. Претседателот Иванов кој доаѓа од таа партија е цврсто против промена на името и ја водеше кампањата за бојкот што доби поддршка од националистичката база.
Лидерот Христијан Мицкоски не е ни ваму ни таму. Тој сака да се претставува како проевропски, но и да ги задоволи патриотските гласачи. Затоа ги повика членовите сами да одлучат дали ќе гласаат на референдумот или ќе се приклучат кон бојкот. Мицкоски ќе биде под силен притисок на ЕУ. Комесарот за проширување Јоханес Хан веќе изјави дека за Брисел исходот од референдумот каде што 90 проценти го поддржаа Договорот од Преспа, е мандат за промени.
Мицкоски најверојатно ќе се обиде да понуди цена – на пример, слобода за поранешниот премиер Никола Груевски кој има поднесено жалба на затворска казна за корупција. Но, тој ќе мора да си го спаси и образот пред симпатизерите на ВМРО. Ова би можело да значи дека тој ќе им дозволи на некои пратеници од неговата пратеничка група да гласаат.
Ако нема договор во наредните недели, Заев ќе свика предвремени избори. Сепак, одењето на планот „В“ е ризично за сите страни. Ахмети вели дека нема време за губење. Наскоро ќе знаеме дали е во право или не.
Д-р Димитар Бечев е директор на Институтот за европска политика, тинк-тенк со седиште во Софија, Бугарија. Тој е стипендист истражувач во Центарот за словенски, евроазиски и источноевропски студии на Универзитетот во Северна Каролина.
Извор:НоваТВ











