Српскиот претседател Александар Вучиќ нареди целата армија на Србија да биде ставена во највисока борбена готовност, пренесува Танјуг повикувајќи се на извори од Кабинетот на претседателот, кој е и врховен командант на српската армија.
Претходно беше соопштено дека околу 60 припадници на косовските специјални единици (РОСУ) биле распоредени во непосредна близина на браната и вештачкото езеро Газивода. Припадниците на РОСУ наводно влегле во Центарот за екологија и развој на спортот, во непосредна близина на хидроелектраната.
Главниот портпарол на КФОР Винченцо Грасо за Танјуг изјави дека мисијата се уште нема информации за тоа дека припадници на РОСУ влегле во северниот дел на Косово, во близина на хидроелектраната Газивода.
Тој додаде дека е во тек проверка на информациите и оти се врши мониторинг на ситуацијата.
Вучиќ денеска во Ниш изјави дека не сакал да оди во Обединетите нации во Њујорк, затоа што таму би морал да разговара и со албански и со светски претставници, со кои, како што рече, не знае за што веќе да разговара, затоа што тој сака суштински напредок во однос на Косово, „а тие не сакаат“.
„Не можам веќе да одам, да повторувам едно и исто. Кажете ми, луѓе, дали сте подготвени за суштински напредок. Ако сте, ете ме, ќе долетам со што сакате, во Брисел, на Гренланд, каде и да ме повикате. Само немојте да доаѓам, да губам време и да ги слушам истите празни приказни кои ги слушам со години дека Србија треба да ја признае независноста на Косово“, изјави Вучиќ во Ниш.










