Аналитичарите сметаат дека една од причините за интересот на западните политичари за успешен референдум е зголеменото руско влијание во регионот. Во меѓувреме, се повеќе политичари или упатуваат пораки за поддршка или пак лично доаѓаат во Македонија во пресрет на референдумот.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, првиот човек на австриската влада Себастијан Курц и германската канцеларка Ангела Меркел се тројцата високи политичари кои само оваа недела ќе допатуваат во Скопје. Според универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески за интересот на западните земји за успешен референдум и напредок на земјава кон НАТО и ЕУ влијаат два фактора.
Првиот фактор тој го нарекува и „уникатен историски момент кој треба да се искористи”. Тој момент, според Малески, е совпаѓањето на интересите на западните земји наспроти руското влијание.
„Ова е важно да се има предвид, бидејќи порано немаше такво совпаѓање на интересот на Соединетите Американски Држави и на Европската унија за проширување на НАТО со Македонија и другите земји на Балканот како што сега, во овој момент, го имаме“, вели Малески.
Повеќе на: РСЕ










