Американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди вчера сириските власти и нивните сојузници, Иран и Русија, да не покренуваат офанзива против сириската северозападна провинција Идлиб, последно засолниште на бунтовниците во Сирија, изјавувајќи дека таквиот потег може да доведе до стотици илјади мртви.
“Русите и Иранците ќе направат огромна хуманитарна грешка доколку се вклучат во оваа потенцијална човечка трагедија, а стотици илјади луѓе ќе бидат убиени. Не дозволувајте тоа да се случи!”, напишал Трамп на Твитер.
Другите американски официјални претставници, како што се државниот секретар Мајк Помпео и амбасадорот на ОН, Ники Хејли, во повеќе наврати соопштиле дека САД се подготвени да дејствуваат воено ако има хемиски напад во Идлиб. Русија и Сирија тврдат дека одредени групи подготвуваат лажен хемиски напад за да ја обвинат сириската армија.
Извори:Ројтерс








