НВО секторот препорачува 700 евра плата да се намали одливот на мозоци

0
254

Од 500 до 700 евра минимална редовна плата е условот под кој младите од Источна Македонија би можеле да размислуваат за евентуално враќање во земјава, покажуваат резултатите од најновото истражување на три невладини организации од Делчево, Пехчево и Македонска Каменица.

– Клучните заклучоци од истражувањето се дека се уште е присутна појавата на масовно иселување на младите од овие три општини. Главните причини се ниските примања, како и неможноста да најдат соодветна работа. Од другите сегменти анкетираните иселеници истакнаа дека се недоволно запознаени со програмите на Агенцијата за вработување, од една страна, а од друга страна, истите им се недостапни како процедура на аплицирање или како процедура на добивање на средства, потенцира Влатко Ситновски од НВО „Надеж Норе“ од Македонска Каменица, која беше носител на проектот.

Според истражувањата направени во Пехчево, иселениците во оваа општина најголем интерес покажале за враќање во родното место. Но, само доколку државата ги унапреди мерките во делот на правилно функционирање на проектите што се однесуваат на развојот на категоријата “Млад земјоделец”.

– Истражувањето покажа дека, сепак, постои надеж иселениците да се вратат во нашите општини. Еве, доколку ја земеме за пример општина Пехчево, во неа постои можност за развој на земјоделието. Доколку профункционира проектот „Млад земјоделец“ и постои соработка со општината, односно на младите им се обезбедат парцели каде ќе можат да работат, факт е дека голем дел, па нека е тој дел и 30 проценти, би се вратиле и би инвестирале и сопствени средства за да останат во општината, вели “.

Зоран Биковски од НВО „КХАМ вели дека малку е покомплицирана состојбата во општина Македонска Каменица бидејки за младите да останат таму постои потреба од директно вработување или субвенционирање на нивните вработувања.

– Причината за тоа е што во рудникот Саса се даваат солидни плати, меѓутоа заради лошите услови за живот или безбедноста на работата во самиот рудник и непостоењето на другите индустриски објекти каде што би работеле, потребно е да се субвенционираат вработувањата на младите од овие места. Ако се земе предвид дека општина Македонска Каменица има капацитет, средства и ресурси, може да ги кофинансира активностите што постојат од Агенцијата за вработување и на тој начин да се обезбеди кофинансирање и отворање на работни места, пред се, за младите. Потенцирам „за младите“, затоа што токму 2018 ќе биде година на младите, вели Биковски.

Тој потенцира дека најсложена е состојбата во Делчево, каде што постои потреба од отворање на поголеми економски капацитети.

– Ние како коалиција ги дадовме нашите предлози до работните групи во Агенцијата за вработување и до Министерството за труд и социјална политика, за субвенционирано отворање на работни места со плус 30 проценти, како работни места во рурални средини. Сето тоа ќе доведе, ако не друго, барем до намалување на одливот на млади мозоци, смета Биковски.

Во истражувањето биле вклучени 21 лице од општините, вработени во подрачните единици на Агенцијата за вработување претставници од бизнис-секторот, како и претставници на Агенцијата за финансиска поддршка и развој во земјоделието.

Извор:НоваТВ