Петтина од луѓето во Македонија живеат под прагот на сиромаштија. Проблем е и тоа што вработувањето не значи справување со оваа појава, а и социјалната парична помош е премногу ниска.
Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 21 октомври 2017 година
Секој петти човек во Македонија живее под прагот на сиромаштија, или околу 445 илјади лица според последните податоци на Државниот завод за статистика од 2015 година. Анализирано по типови на домаќинства, како што е наведено, стапката на сиромаштија на семејства составени од двајца возрасни лица со две деца е 22.9 проценти. Најголем дел од нив се невработени и неактивни лица, па потоа следат вработените и пензионерите.
Тоа значи дека овие лица располагаат со помалку од 6.500 денари месечно при што 10 отсто од бројката им припаѓа на лицата кои што имаат работа, но сепак се борат со сиромаштијата, вели професор Маја Геровска – Митев од Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет.
„Секако сметам дека ова е една алармантна бројка за секоја држава, вклучително и Македонија. Македонија има систем на социјална заштита и има инструменти преку коишто овие лица имаат можност за дополнителна парична поддршка и подршка од аспект на услуги. Прашањето е колку овие средства се доволни и навистина излегуваат во пресрет на реалните потреби на лицата во ризик од сиромаштија. Перцепцијата на корисниците и општа перцепција е навистина дека висината на клучниот инструмент којшто е наменет за оваа категорија на луѓе, а тоа е социјалната парична помош е премногу ниска“, вели Геровска – Митев.
Видливоста на проблемот започнува со статистичките податоци и бројката е огромна, иако не е конечна, затоа што статистиката го мери само приходот на сиромаштија, односно количината на пари со која располагаат луѓето, истакнува Билјана Дуковска од „Платформата за борба против сиромаштијата“.
Граѓанската платформа „Мрдни со прст“ по повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата собра храна за 1000 луѓе. Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“ чија организација е вклучена во акцијата за донирање на храна за најранливите категории вели дека загрозени се многу повеќе лица.
Заменик министерот за труд и социјална политика Елми Азири посочува дека Македонија бележи тренд на благо намалување на сиромаштијата и на нееднаквоста.
„Сепак и покрај таквите позитивни трендови сиромаштијата во државата се уште е на изразито високо ниво поради тоа што справувањето со овие предизвици и унапредувањето на состојбите кои директно влијаат на сиромаштијата остануваат едни од главните приоритети на Владата на Република Македонија“, вели Азири.
Парите не стигнуваат ниту за храна
Истражувањето на Финанс Тинк покажува дека 22 проценти од граѓаните преживуваат со помош на родителите, сопружниците или пак роднини од странство или државата. Само една третина од населението, како што наведуваат, може да ги задоволат своите потреби. Додека пак 41 отсто успеваат да ги задоволат само потребите за сметки и храна, а 28 проценти не успеваат ни во тоа. Реалноста покажува дека и оние граѓани кои ги анкетиравме и кои имаат некакви примања велат дека парите не им се доволни за да ги задоволат егзистенцијалните потреби.
„Никаков е стандардот со 8000 денари, тројца живееме дома. Дали струја, дали вода, дали телефони да плаќаме. За јадење не останува ништо“, вели анкетиран граѓанин.
„Малку се парите. За сметки да дадеш на деца, а за да си дозволиш да купиш нешто нема “
„Со административна плата 15 дена се живее“.
Повеќе на РСЕ










