Дали сите парламентарни групи ќе се вклучат во јавната пропаганда треба да се знае до понеделник, согласно рокот кој го постави собранискиот спикер Талат Џафери. Владата во меѓувреме си ја тера кампањата на социјалните мрежи. Од ВМРО-ДПМНЕ не ја исклучија можноста и тие да бидат дел од кампањата.
Политичките партии до понеделник треба да се изјаснат дали ќе учествуваат во јавната промоција на референдумот закажан за 30 септември, која во медиумите ќе ја спроведува Собранието, додека Владата својата кампања веќе ја води на социјалните мрежи, со засилено темпо во последните денови. Претседателот на Собранието Талат Џафери побара од пратеничките групи да го информираат и која страна ќе ја заземат, односно дали се за изјаснување „За“ или „Против“ на референдумот.
Владата за кампањата на Собранието ќе обезбеди речиси еден милион и 300 илјади евра од тековната буџетска резерва. Доколку на крајот од кампањата, како што соопштија од Владата, има непотрошени средства тие ќе бидат вратени во Буџетот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Сител порача дека во текот на следната недела на координација со пратеничката група ќе разговараат за тоа дали ќе се вклучат во кампањата и не ја исклучи таа можност, но не го соопшти ставот на партијата за референдумот, бидејќи се уште го испитуваат мислењето на граѓаните.
„Па можам да кажам дека отприлика граѓаните се поделени во три групи. Најмалата морам да признаам е онаа група која што би излегла на референдумот и која што би се изјаснила „за“ договорот, таа е во рамките на една статистичка грешка. Отприлика другите граѓани во Република Македонија кои што се интервјуирани за време на оваа акција „Лето за Македонија“ ги оставаат другите опции за размислување. Така што ќе видиме во периодот што следи како ќе се одвиваат работите“, рече Мицкоски.
Владата соопшти дека планира комуникација со и преку медиумите, социјалните мрежи и активности од јавен карактер. За активностите на социјалните медиуми Владата планира да издвои речиси 6500 евра од редовниот буџет на Генералниот секретаријат.
Повеќе на :РСЕ









