Обложувалниците надвор од населените места?

0
433

Се предлага казинате и спортските обложувалници да бидат најмалку 500 метри оддалечени од училишта, градинки и факултети. Тоа значи дека ќе треба да се преселат на периферијата на градот.

Владејачката ДУИ сака да ги избрка казината, автомат-клубовите и спортските обложувалници надвор на населените места. Според предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој го поднесоа пратениците Ејуп Алими и Реџаил Исмаили од ДУИ, на 500 метри воздушна линија од факултети, училишта, градинки, библиотеки, институти, домови за згрижување деца и слични установи нема да смее да се отвораат казина, автомат-клубови и спортски обложувалници. Со оглед на тоа што во речиси секоја населба во Скопје има по најмалку едно основно училиште и градинка, речиси и да не останува место каде што може да се отвори ваков објект. Спортска обложувалница и автомат клуб сега има во речиси секое маало.

На пример, ако се исцртаат кругови со радиус од 500 метри околу секое училиште, градинка или факултет во Скопје, се забележува дека, ако се усвојат измените, спортски обложувалници ќе може да се отворат само во индустриските зони, на периферијата на градот, во горните делови на населбите на падините на Водно, на Зајчев рид и во Градскиот парк. Слична е ситуацијата и во помалите градови, каде што има по најмалку едно основно и средно училиште и градинка, па ваквите објекти ќе мора да бидат на периферијата на градот. Казина, пак, нема да може да се отворат ниту во хотелите во центарот на градот.

Предлагачите велат дека основната цел на измените е „превенција на можностите за стекнување на порочни навики кај младото население“ и доаѓаат по многу граѓански иницијативи за дислокација на обложувалниците и казината.

Социологот, професор Ѓорѓи Тоновски вели дека инцијативата е добра зашто коцкарниците нема да им бодат очи на учениците, а тие што сакаат да одат, ќе одат и подалеку.

„На тој начин може евентуално да се избегне влијанието на самиот амбиент врз учениците, односно нема секојдневно да се соочуваат со тие натписи „казино, казино, казино“ и да ги провоцира постојано да помислуваат на тоа и да го прифаќаат како нешто нормално“, вели Тоновски.

Повеќе на следниот линк: РСЕ