Со традиционално читање на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, вечерва започнува 57-то издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.
Официјалното отворање е во 20:30 часот, по што од 21:00 часот следува Меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“.
Во рамки на програмата ќе има претставување на портрет на Михаил Ренџов, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија и поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2018 година.
Ќе има претставување на портрет за Паули Тапио, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, како и за други учесници на фестивалот.
Фестивалот ќе заврши во недела со манифестацијата „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“
На 57-те Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30 поети од 29 земји, како и 50-тина поети од Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива










