Данска: Илјадници граѓани против Законот за забрана на носење никаб во јавност

0
459

Илјадници луѓе денеска излегоа на улиците на Копенхаген и Орхус, два големи града во Данска, со цел да го искажат своето незадоволство поради Законот со кој се забранува носење бурка и никаб во јавност, јавува Anadolu Agency (AA).

Граѓаните прошетаа поради несогласувањето со Законот кој во мај оваа година беше одобрен од страна на данскиот Парламент, а кој од 1 август стапи на сила.

Во протестната прошетка, покрај левичарските активисти, учествуваа и муслимани од земјата, а поддршка дадоа и Данците. Лицата собрани на плоштадот во населбата Норебро, во знак на поддршка на покриените жени во земјата, на лицата имаа ставено маски и никаб.

Прошетката заврши во близина на полициската станица Белахој, каде што граѓаните ја повикаа полицијата наместо да пишува казни за оние што носат никаб, да се занимава со посериозни работи.

Меѓу насобраните беше и Сабина Јусеф, која изјави дека ќе продолжи да носи никаб.

„Овој закон што стапи на сила е дискриминаторски. Во Данска само 50 жени носат никаб“, изјави Јусеф.

Според новововедениот закон, жените што носат никаб ќе бидат парично казнети со 1.000 круни (156 долари), а доколку казнувањето се повторува постојано, тогаш би можело да биде изречена парична казна во висина до 10.000 круни (1.560 долари).

Законот во данскиот Парламент во мај е одобрен со 75 гласа „за“, 30 „против“, а 74 пратеници не присуствуваа на седницата. Законот кој е опишан како „дискриминаторски“ предизвика огорченост.

Австрија, Франција и Белгија имаат слични закони. Французинот со алжирско потекло, Рашид Неказ, основа фонд за плаќање на казните на жените што носат бурки. Законот го нарече „илегален“ и плати повеќе од 500 парични казни во 6 земји.

Неказ најави дека ќе им ги плаќа казните и на жените во Данска.