Министерството за внатрешни работи се огласи со соопштение до јавноста по синоќешната акција во скопските ноќни клубови, при што беа приведени неколку лица.
-За спроведувањето на акциските контроли направена е претходна проценка за бројот на присутни лица, како и околностите во кои тие се спроведуваат, заради што се ангажирани соодветен број на полициски службеници кои постапувале согласно процедурите и законските одредби. Доколку се воочат евентуални недоследности, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе превземе соодветни мерки – пишува во соопштението од МВР.
Сопственикот на една од најпопуларните скопски дискотеки „Сектор 909“, Огнен Узуновски-Оги, кој беше и активен учесник во протестите на Шарената револуција, беше приведен ноќеска во големата рација по ноќните клубови во Градски парк. Освен „Сектор 909“ полицијата упаднала и во ноќниот клуб „Епицентар“.
Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција биле во присуство на вооружени полицајци кога влегле во дискотеките и Министерството за внатрешни работи сè уште не излегло со официјално соопштение за акцијата, која на социјалните мрежи е опишана како скандалозна, брутална и како тежок удар врз ноќниот живот во Скопје
Сопственикот на ноќниот клуб „Сектор 909“ кој беше еден од приведените, денеска се огласи на Фејсбук.
– Вчера околу 2 часот по полноќ во Сектор 909 влегоа полицајци,алфи,специјалци (наоружани сериозно), инспекции (сите можни). Не тераа да изгасиме музика за да направеле проверка,само 5мин. ми викаа (јас не се согласив) зошто тоа е исто како на концерт да дојдат кај Тамара на пример и да речат нека престане да пее, проверка да направиме па нека продолжи.Едниот од униформираните полицајци дрско влезе во Dj-кабина и почна кабли да влече да прекине музика, дечките прекинаа тој им зема лични карти и ги запишуваше со изгасната музика пред полн подиум,јас на тоа не можев да ќутам и пуштив музика,одма после тоа бев уапсен (спектакуларно) пред цела публика,за да ме уапсат кажа една од инспекторките (не се појави у станица).Следело претресување и тормозење гости и бркање еден по еден надвор од диското,забавата е прекината.Јас сум институциите да прават контроли и да бркаат криминал али НИКАКО на ваков начин.Мора да се идентификува “човекот” што дал наредба контролата да се одвива на тој (малограѓански начин),ова е срам за полицијата а нај голем СРАМ за нашата земја Македонија. Ако од овој случај не излезе правдата,јас Огнен Узуновски ќе почнам со нови протести,поинакви од минатите,убеден сум дека ќе ме следат голем број културни млади луѓе на кои им е преку глава од вакви угнетувања од страна на институциите вклучувајќи ги МВР.Не можете да ја победите љубовта – напиша Узуновски.
Реакции од јавноста
„МВР се слушаме? Постојат правила и стандарди за примена на мерки за присилба! Ќе се бараат одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотека полна со луѓе! Ќе се постави и прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност! Не ни треба уште една власт која преку полицијата ќе покажува моќ и ќе влева страв кај граѓаните“ – напиша Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Фејсбук.
Диџејот Мирко Попов на Фејсбук напиша: „Навистина: КОЈА Е ПОЕНТАТА ДА СЕДИШ СО АУТОМАТСКА ПУШКА У БИЛО КОЕ ДИСКО У СКОПЈЕ??? Можеби некој од властите би бил љубезен да одговори“.
Замир Мехмети кој беше дел од Шарената револуција на Фејсбук напиша:
„Чекајте малку другари ние дефинитивно НЕ се боревме за упади на вооружени специјалци по дискотеки. Тоа што се случувало синоќа низ Скопје е уште еден доказ дека Македонија сеуште е полициска држава. Ударот врз братот Оги, е удар врз сите нас. Оги си ја стави главата во торба исто како нас и даде се од себе за конечно промените да дојдат. Излет беше отпорашкото место каде се спремаа сите балони, пушки со боја и се пишуваа платната. Синоќа сте го привеле без срам и без перде. Ова не смее да помине така. Поддршка до небо за братот Оги. Ако сте решени да апсите луѓе што се борат против кичот, тогаш бујрум уапсете ме и мене“.
Актерката Весна Петрушевска исто така даде поддршка за Узуновски.
Фоторепортерот Роберт Атанасовски на Фејсбук напиша: „Јас не сум некој шетач по клубови ама ова вчера што се случило во Сектор, а поготово што го уапсиле Оги е еден од најголемте срамови од оваа влада.Епа дечки многу ви е лош Пи-арот поготово во вакви моменти.Да дозволите на полиција да хара по градов со автомати ме потсеќа на некој други времиња што сакам да ги заборавам.Ова ти е како сам себе да си се пукал у нога, ама не у една у двете ноги. #СтопЗаПолицискаБруталност #ПоддршкаЗаОги“
Активистката Ирена Стеријовска напиша:
„Пушки во диско, шерифски упади, Огнен Узуновски приведен???? Па каде се разбудив јас бе? Па во Сектор ли ќе разбивате криминал бе абдали едни? Државата во гранде акција против ноќниот живот во Скопје а? Браво, браво! Не спасивте сите од злосторничкото здружување на журкачи у диско. Сега како граѓанин се осеќам многу посигурно кога Оги го апсите а убијци, криминалци и војна мејкери си шетаат слободно по граду. Нема никакво оправдание за она што се случило вчера, јебало вас измешани приоритети и утнати проценки! Она што сте го направиле вчера ви е една од најголемите и најнепромислени грешки и да немаме дилема дека цехот на крај во политички поени ќе го платите. А тоа сега најмалку ви треба“
Пратениците Ивана Туфегџиќ и Павле Богоевски исто така се огласија за настанот и повикаа на одговорност.
„Со полициски рации не се постигнува ништо освен нарушување на и онака кревката доверба на граѓаните кон полицијата. Никој не вели дека не треба да има пазарна или даночна инспекција за угостителските објекти меѓутоа тоа може да се направи и на крај на работно време на дискотеката“ – напиша Туфегџиќ.
Извор:НоваТВ








