Чавушоглу: Турција понуди да отвори два гранични премини за хуманитарна помош за Сирија

by Administrator

Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека земјата понудила отворање два гранични премини со Сирија за потребите на меѓународната заедница за испраќање хуманитарна помош во северните региони на Сирија погодени од земјотресот.

– Им пренесовме на меѓународната заедница и на Обединетите нации дека можат да испратат хуманитарна помош преку два премини под наша контрола. Напоменавме дека можеме да ја отвориме оваа врата за хуманитарна помош – рече Чавушоглу на прес-конференција по средбата со неговата либиска колешка Најла ал Мангуш во Анкара.

Шефот на турската дипломатија најави отворање на два гранични премини во турската погранична провинција Килису.

– Не доаѓа предвид Турција да отвори гранични премини на места под контрола на ПКК и ЈПГ – истакна Чавушоглу.

Чавушоглу ги отфрли тврдењата на некои медиуми дека има прилив на бегалци од Сирија во Турција по разорните двојни земјотреси од минатиот понеделник.

– Турција би можела да го отвори својот воздушен простор доколку Белгија или другите европски земји сакаат да примат сириски бегалци во своите земји – додаде Чавушоглу.

You may also like