Роберта Мецола останува претседателка на Европарламентот

by Administrator

Демохристијанката од Малта од центристичко-десниот центар, Европската народна партија, Роберта Мецола е потврдена на челната позиција на Европскиот парламент. На првата седница по  европските избори,  европратениците во Стразбур ѝ дадоа доверба на Мецола уште во првиот круг на гласање со 562 од 720 гласови. Мецола на функцијата е од јануари 2022 година кога беше избрана да го наследи  Италијанецот Давид Сасоли,  кој почина на 65-годишна возраст непосредно пред крајот на неговиот редовен мандат. Таа е втора политичарка по германскиот социјалдемократ Мартин Шулц која е реизбрана на  високата позиција.  Мецола е член на  Европскиот парламент  од 2013 година. Во соопштение, ЕНП ја пофали 45-годишната политичарка како „лице на европската демократија“.

„Сакам да придонесам за затворање на јазот меѓу очекувањата на луѓето во Европа и она што ние можеме да го постигнеме“, изјави Мецола по изборот. Таа најави заложба за „силен парламент кој ќе ги форсира законите кои ги сакаат и кои им требаат на нашите граѓани“.

Нешто слично таа најави и на почетокот на нејзиниот мандат како претседателка на ЕП, уверувајќи дека сака да им ја врати на граѓаните „верата и ентузијазмот за нашиот проект“ Европа. Национализмот, авторитарните режими и изолацијата се „лажни илузии кои не нудат решенија“, истакна таа. По европските избори во јуни, таа го повтори овој став и предупреди на зголемен пораст на противниците на ЕУ. „Одговорноста е кај нас. Ако не испорачаме, тогаш оние што сакаат да ја уништат Европа само ќе растат“, рече Мецола пред неколку дена.

Извор:dw.de

You may also like