Македонија во јуни годинава конечно постигна некаков договор со Грција во врска со спорот за името, па така и НАТО неодамна ја покани Македонија да ги отпочне пристапните преговори за зачленување. Можеби целокупното општество не беше подготвено дека овој дводецениски јазол некогаш ќе се отплетка, но ете тоа во моментов се случува. Меѓу понеподготвените за тековната ситуација се медиумите, кои се целосно затечени од настаните.
Сега она што следува е референдумот кој е зад аголот, а никој не се посветува на она што тој референдум може да ни донесе, односно што можеме да изгубиме доколку референдумот биде неуспешен.
Медиумите се насочени исклучиво кон лидерските средби и меѓупартиската војна, која да бидеме реални, трае веќе 27 години колку што постои и партискиот плурализам во Македонија. Известувањето за прашањата поврзани со НАТО е површно и сиромашно со вистински корисни информации кои би им послужиле на граѓаните да донесат вистинска одлука на претстојниот референдум.
– Денес, кога сме поблиску од било кога до заслуженото членство во НАТО, дихотомијата во медиумското известување за процесот е очигледна. Евидентно е дека повеќе медиуми во државата кои се придржуваат кон новинарската етика и принципите кои произлегуваат од неа како што е независното известување се ретки, а почести се оние кои не успеваат да ја исконтролираат онаа (веќе “вродена“) потреба за своевидно вулгаризирање на текстовите чија единствена цел е информирање на општеството, преку интегрирање на ‘за’ или ‘против’ (најчесто слабо аргументиран) став на уредништвото или други засегнати актери во самиот текст – смета Дина Арнаут од Евро – Атлантски Совет на Македонија.
Арнаут, која е координатор за социјални медиуми во Евро – Атлантски Совет на Македонија вели дека оваа појава е најочигледна кај порталите без седиште и уредништво кои фигурираат во медиумскиот простор чија егзистенција неретко се базира на пласирање на непроверени информации, дезинформации или така наречените “кромид вести”, кои само штетат на реномето на “третата сила”.
– Сметам дека пристрасноста во известувањето за членството во Алијансата сериозно може да му наштети на самиот процес, посебно ако се земе в предвид фактот за можното референдумско решение за името како предуслов, како и факот дека просечниот граѓанин не е жеден за барање објективни извори на информации, а во исто време е гладен за она што му се сервира.
Евро – Атлантски Совет на Македонија во изминатите десетина години има организирано низа на настани преку кои граѓаните можат да се запознаат со обврските и придобивките кои ги носи членството во НАТО.
Арнаут е оптимист за она што не очекува во иднината и долгопосакуваното членство во ЕУ и НАТО.
-Останува да се надеваме дека недискретното боење на текстовите ќе заврши пред Македонија да стане дел од ЕУ семејството, каде што регулативите и директивите ќе обезбедат плуралност на медиумите, но тогаш таа нема да е само имагинарна – заклучува таа.
Извор:НоваТВ

