За време на својата прва посета од почетокот на војната, украинскиот претседател Володимир Зеленски пред американскиот Конгрес изјави дека американската помош за неговата земја е инвестиција во демократијата, а не милостина, притоа евоцирајќи ги американските напори да на поразувањето на нацистите во Втората светска војна.
Претходно во Белата куќа, Зеленски се сретна со демократскиот претседател Џо Бајден, кој ги повика Американците и светот да продолжат да ја поддржуваат Украина следната година, кога ќе биде потешко да се добие одобрение од Конгресот, чиј долен дом беше преземен од републиканците во ноемвриските избори. САД досега испратија околу 50 милијарди долари помош за Киев, но републиканците, кои ќе ја преземат контролата над Претставничкиот дом на 3 јануари, изразија загриженост за цената на таа помош.
Дел од републиканците повикаа да се прекине помошта и да се направи ревизија која ќе утврди како се трошеле претходно дадените пари. „Вашите пари не се добротворни цели. Тоа е инвестиција во глобалната безбедност и демократија со која се справуваме на најодговорен начин“, рече Зеленски на заедничката седница на Сенатот и Претставничкиот дом на САД, говорејќи на англиски јазик. Украинскиот претседател нагласи дека светот е премногу меѓусебно поврзан за која било земја да застане настрана и да се чувствува безбедна во исто време.
Во Конгресот, Зеленски го спомна поранешниот американски претседател Френклин Д. Рузвелт, кој беше на власт од 1933 до 1945 година, и неговите напори да ја ослободи Европа од нацистичката окупација. „Исто како храбрите американски војници, кои ги дадоа своите животи и се бореа против силите на Хитлер за време на Божиќ 1944 година, храбрите украински војници го прават истото… овој Божиќ“, рече тој.
Откако Зеленски синоќа одржа говор во Конгресот, следеше аплауз кој траеше неколку минути. Камерата го сними моментот кога некој извикува „Слава на Украина“. Во тој момент, украинскиот претседател ја наведна главата и се обиде да ги сокрие солзите, но набрзо одговори: „Слава на хероите“.
Претходно, американскиот државен секретар Антони Блинкен најави дека САД ќе обезбедат дополнителна воена помош од 1,85 милијарди долари за Украина, вклучувајќи го и напредниот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ за да помогне во одбраната од руски ракети.
„Патриот не е ескалација, тоа е одбранбен систем“, рече Бајден во Белата куќа, за време на конференцијата со украинскиот лидер, кој е во официјална посета на Вашингтон. „Би сакале да не се користи“, додаде Бајден. Зеленски рече дека системот Патриот е важен чекор кон формирање на ефективен воздушен штит против руските напади. „Ова е единствениот начин да се лиши терористичката држава од нејзиниот главен инструмент на теророт – способноста да ги таргетира нашите градови, нашата енергија“, рече украинскиот претседател.
