Планот за вакцинација е направен, фрижидерите се набавени, недостигаат уште само вакцини. Властите постојано уверуваат дека вакцините само што не стигнале, но дел од граѓаните на социјалните мрежи иронично коментираат дека веројатно ќе пристигнат преку новата пруга до Бугарија.
По низата најави на стотици илјади вакцини против коронавирус и по контрадикторните изјави на властите за тоа кога и од каде ќе пристигнат првите дози, владата синоќа одлучи да започне постапка за набавка на 200 илјади кинески вакцини.
Ни ЕУ не се прослави со набавката на вакцини, а вакцинирање не оди со посакуваното темпо. Едноставно производителите не може толку брзо да ги произведат за да ја задоволат побарувачката, но земјава е една од ретките во Европа во која не пристигна ни симболичен број од неколку илјади дози, колку за вакцинирање на здравствениот персонал.
Министерка за одбрана Радмила Шекеринска синоќа за Сител рече дека прво сакале вакцините да бидат целосно регистрирани, за потоа да ги нарачаат.
Многумина на социјалните мрежи ја протолкуваа оваа изјава на Шекеринска во стилот „кисело е грозјето“. Додека Македонија чекала, други си нарачале со време.
