Тој настан силно одекна во југословенските медиуми и стана еден од главните симболи на жалост на граѓаните на Југославија за својот претседател, а раководството на Хајдук набрзо потоа упати предлог до Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работничкиот народ на Хрватска стадионот „Пољуд“ да се преименува во „Тито“, но таа иницијатива не беше прифатена.

Тито е роден во Кумровец, во Загорје, во мешовито хрватско-словенечко семејство, во мај 1892 година. Во текот на неговиот живот како датум на негово раѓање е одбележуван 25 мај, и тоа како Ден на младоста.

На чело на Југославија беше цели 35 години.

На погребот на Јосип Броз Тито во Белград присуствувале повеќе од 200 високи личности од целиот свет, што несомнено е израз на неговата посебна историска улога и исклучителниот углед кој го уживал.

Погребан е на 8 мај 1980 година во Белград, по сопствена желба во зимската градина на својата резиденција на Дедиње, која подоцна е наречена „Куќа на цвеќето“. Покрај големиот број граѓани на Југославија, на погребот присуствувале 209 делегации од 128 земји во светот, поради што официјално е прогласен за најпосетен погреб на некој државник во историјата.

На погребот му претходеше пренесување на неговите посмртни останки со Синиот воз од Љубљана, преку Загреб во Белград, каде три дена биле изложени во централната сала на зградата на Собранието на СФРЈ. Тука граѓаните, домашни и странски делегации, во минување му одаваа последна почит.

Погребот на Тито е директно пренесуван преку телевизиите во Југославија и уште 16 светски земји, а во неколку држави дополнително е емитувана цела снимка или поважни делови од погребот, поради што, според податоците на Евровизија, е прогласен за втор најгледан настан во 20. век, веднаш по слетувањето на Мисијата „Аполо 11“ на Месечината во јули 1969 година.

Гробот на Јосип Броз Тито се наоѓа во составот на Музејот на Југославија и од погребот досега го посетиле над 18 милиони луѓе.

Libertas