Македонија
Нема пари за К-15 за јавна администрација – ССМ најавува штрајк доколку не се прифатат нивните барања
Во буџетот за 2022 не се планирани дополнителни средства за К-15 во јавниот сектор, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими, одговарајќи на прашањето дали се предвидени средства во предлог буџетот за регрес на годишниот одмор за вработените во јавниот сектор, за тоа колку ќе нè чини К-15, и дали буџетот има пари за тоа.
„Немам точна бројка, ќе ја потврдиме бројката и ќе зборувам за пресметките во буџетот и за К-15 не се предвидени дополнителни средства за исплата во јавниот сектор“, истакна Фатмир Бесими.
Во неделата Сојузот на синдикатите протестираше, а меѓу нивните барања беше и исплата на К-15 за сите работници, односно во приватниот и во јавниот сектор. Бараат минимален регрес од 30% од просечната плата и максимум 100% зависно од можностите на институциите. На средбата во владата, претставници на ССМ и Владата се договорија да се формира работна група во најкус рок, која ќе понуди оперативно решение за можностите за исплата на регрес за годишен одмор, К-15. Како што беше најавено, анализите се очекува да бидат презентирани на 20 јануари 2022. Доколку не се постигне договор за барањата, ССМ најавува штрајк.
Битолскиот градоначалник во еден ден смени четворица директори на јавни претпријатија
По еден месец од доаѓањето на функцијата, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски смени пет директори на клучните јавни претпријатија во градот.
Во ЈП „Водовод“ на местото на Горан Козаров од СДСМ, назначен е Пеце Милевски, кој е претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола, а на локалните избори беше носител на листата за советници.
Две жени ќе раководат со јавните претпријатија „Комуналец“ и „Пазари“. За директор на ЈП Комуналец поставена е Гордана Наумовска која долги години работи во ова јавно претпријатије. Наумовска доаѓа на местото на досегашниот директор Панде Богоевски.
За директор на ЈП Пазари, пак, назначена е Соња Карапашовска, магистер по економски науки, професор во средното економско училиште „Јане Сандански“ – Битола и советник во претходниот мандат на Советот. Карапашовска е назначена на местото на Владе Атанасовски, кадар на ЛДП Битола.
Во ЈП Паркинзи за директор е назначен Горан Степановски кој беше советник во претходниот мандат на Советот.
Засега не е познато кој ќе раководи со КЈП Нискоградба, чиј актуелен директор е Методи Силјановски од ЛДП.
Коњановски треба да назначи директор и на индустриската зона „Жабени“ формирана во времето на бившата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, како и во јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг, Зоолошката градина во Битола и Домот за стари лица „Сју Рајдер“, а промена се очекува и на директорската позиција во установата Културен и информативен центар – Битола, каде во моментов на позицијата директор е Сандра Котевска која неодамна ја назначи поранешната градоначалничка Наташа Петровска.
За смена на директорите во основите и средни училишта во градот од Општина Битола за Телма изјавија дека досега не е променет ниту еден директор, но промената на овие директори ќе оди етапно.
„Telma“
Инспекторатот за животна средина на Град Скопје во рамки на новите заложби на Град Скопје за зголемена контрола и инспекциски надзори со цел заштита на животната околина и здравјето на граѓаните, во процесот на засилени контроли за фрлање на отпад во Вардариште издаде прекршочен паричен налог и парична казна од 88 илјади евра, информираа од Град Скопје.
Според извештајот на инспекторатот на Град Скопје затекнатите лица нелегално исфрлале отпад и со тоа ја загадиле животната средина и ја загрозиле безбедноста по здравјето на граѓаните, што е спротивно на член 37 од Законот за управување со отпад.
Мора да има системски решенија и секој мора да ги почитува законите кои ќе се спроведуваат неселективно. Град Скопје нема да толерира ниту едно физичко или правно лице кое ја загадува околината и со тоа влијае на загадување на воздухот, почвата и водите, и свесно го загрозува здравјето и животот на скопјани, а секое прекршување ќе биде соодветно санкционирано.
Nova Tv
Бислимовски: „ЕВН дистрибуција побара 100 отсто повисока цена на струјата за покривање на загубите во системот“
Пристигна првото барање за цената на електричната енергија доставено од ЕВН дистрибуција. Согласно нивното барање, пред сè, заради зголемени трошоци за набавка на загуби на електрична енергија, се предвидува цената во 2022 година да биде 220 евра за мегават-час што значи бараат зголемување на цената за дистрибуција на електрична енергија од 100 проценти, истакна директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Тој, во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, наведе дека вкупните трошоци за набавка на загуби на електрична енергија, не се финансиски загуби, туку е техничка работа.
И имаат презентирано дополнителни трошоци заради дебаланси во системот, што е вообичаена работа од шест милиони евра, односно вкупно зголемените трошоци на Електродистрибуција, само за набавка на електрична енергија за покривање на загуби и за дебаланси се 140 милиони евра. Сите останати трошоци не бараат никаква промена, впрочем не ни имаат право, само врз основа на елементи кои што ниту можеле да ги предвидат, коишто не зависат од нивното работење, имаат зголемени трошоци од 140 милиони евра, рече Бислимовски.
Директорот на РКЕ посочи дека во текот на утрешниот ден очекувааат барање и од ЕВН Хоум, имајќи предвид дека заврши тендерот за набавка на електрична енергија, на кој се јави ЕСМ, а до крајот на оваа недела се очекува и барање од МЕПСО за пренос на електрична енергија.
Тој нагласи дека е јасно оти до 31 декември ќе нема рестрикции и промена на цената на електричната енергија од една едноставна причина, бидејќи определувањето на цената на електричната енергија „не е лицитација, не е желботека“, туку се врши врз основа на правилници и методологии.
АД ЕСМ достави понуда до Универзалниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоум за задоволување на 100 отсто од планираните потреби за тарифните потрошувачи за првата половина на наредната година. Понудата што ја достави на петтиот тендер на ЕВН Хоум изнесува 41 евро за мегават час електрична енергија и за 13,6 отсто е повисока од понудата за периодот јули-декември 2021 година.
Во однос на ЕСМ, Бислимовски кажа дека прво нешто што треба да направи е да го зголеми своето производство на електрична енергија.
Некаде потребите на малите потрошувачи, домаќинствата ќе бидат околу три и пол гигават часови во 2022 година и јас верувам дека ЕСМ е способен со своите сопствени ресурси да го обезбеди ова производство, истакна директорот на РКЕ.
Тој се осврна и на ТЕЦ Неготино, која според најавите, треба утре повторно да започне со работа.
Се најавува дека ТЕЦ Неготино ќе почне со работа и има дополнителни количини на електрична енергија кои ЕСМ ќе може да ги продава и на слободниот пазар на електрична енергија по цена далеку повисока од оваа од 41 евро, бидејќи производната цена на ТЕЦ Неготино е некаде околу 160 евра за мегават-час, но е далеку пониска од онаа во моментот на светските берзи. Значи ЕСМ ќе може и да заработи, но и да помогне на целокупната македонска економија. Менаџментот на компанијата во 2022 година треба да знае дека ќе има предизвици, но во овие предизвици има и шанса компанијата да ја одржи на здрави нозе, се разбира доколку произведе колку што се очекува и колку што реално би можел да произведе и доколку овие вишоци од ТЕЦ Неготино ги продава на слободниот пазар на електрична енергија по пониски цени, потенцираше Бислимовски.
Тој информираше дека ТЕЦ Неготино е признаен за трошок и оти на годишно ниво нè чини околу три милиони евра.
Ние прво треба да го одржиме ликвиден целиот енергетски сектор. Ние можеме да донесеме одлука и цената на електричната енергија, како што кажуваат некои таканаречени експерти, да ја зголемиме за 50 проценти. Факт е дека процентот на наплата ќе се намали. Екстремно зголемување на цената на електричната енергија не е решение, туку напротив уште повеќе ќе направи дополнителни проблеми, оцени Бислимовски.
Околу цената на парното тој посочи дека прво се очекува цената на природниот гас за потоа да се одреди цената на парното, но потенцираше дека нема да дозволат ценовни шокови во однос на цената на топлиснката енергија.
„Факт е дека цената на гасот е најсериозниот проблем заради којшто настана и кризата за електрична енергија и до крајот на годината имавме стабилна цена, бидејќи од претходно биле закупени количини. Верувам дека цената што ќе ја обезбеди „Макпетрол“ ќе биде далеку поразумна од тие што беа на берзите низ Европа. Таа цена која што ќе ја обезбеди „Макпетрол“ како трговец со природен гас, по тоа цена понатаму ќе ги определуваме и цените за парно. Да почекаме да видиме каква ќе биде цената за природен гас, која што за крајната цена на парното влијае 70 проценти. Врз основа на таа цена што ќе ја имаме, ќе излеземе со конкретни мерки и со конкретни предлози како да се реши таа ситуација. Доколку се качи многу цената на парното ќе почнат луѓето да се исклучуваат и да се приклучуваат на електрична енергија што уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата со електричната енергија. Дури тогаш може да имаме сериозни проблеми, особено во испади во Скопје. Нема да дозволиме ценовни шокови во однос на цената на парното, заклучи Бислимовски.
Nova Tv
АД ЕСМ и на двата тендери (за 60% и 40% од вкупните планирани потреби) преку електронски аукции му понуди на ЕВН Хоум како Универзален Снабдувач купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегаватчас, соопштија денеска од ЕВН Хоме.
ЕВН Хоме како Универзален Снабдувач на електрична енергија, на денешните тендери за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на своите потрошувачи за периодот Јануари-Јуни 2022, доби понуда само од АД ЕСМ.
АД ЕСМ и на двата тендери (за 60% и 40% од вкупните планирани потреби) преку електронски аукции му понуди на ЕВН Хоум како Универзален Снабдувач купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегаватчас, соопштија денеска од ЕВН Хоме.
АД ЕСМ како најповолен понудувач ќе ги покрие вкупните планирани потребни количини на електрична енергија за корисниците кои се снабдувани од страна на Универзалниот снабдувач за првата половина од 2022 година. Добиената купопродажна цена е за 13,6 % повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач за набавка на електрична енергија за периодот Јули-Декември 2021 година, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 36,1 евро за мегаватчас за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоум како Универзален Снабдувач.
Nova Tv
Пендаровски ги прими акредитивите на новите амбасадори на Саудиска Арабија и Австралија
Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Австралија и на Кралството Саудиска Арабија во Република Македонија.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на новиот амбасадор на Австралија, со седиште во Белград, Даниел Емери, претседателот Пендаровски истакна дека двете држави ги поврзува традиционално пријателство и меѓусебно разбирање изразувајќи уверување за натамошно посеопфатно и посодржинско развивање и унапредување на севкупните односи особено во областа на економијата преку искористување на потенцијалите на двете земји и идно присуство на австралиски инвеститори во Република Македонија.
„Во оваа смисла, свој придонес дава и бројната дијаспора по потекло од нашата држава во Австралија, која е дополнителен мост за јакнење на нашата меѓусебна комуникација и унапредена соработка во културата, образованието, науката и технологијата“, истакна претседателот Пендаровски.
Говорејќи дека двете земји споделуваат многу вредности и цели, вклучително и поддршката за демократското владеење, човековите права, мирот и просперитетот на регионот, поткрепени со меѓународното владеење на правото, австралискиот амбасадор додаде и дека Австралија е долгогодишен и посветен партнер на НАТО, така што ова ќе биде уште една платформа за заедничка работа.

„Австралија го поздравува и поддржува импресивниот напредок на Македонија на патот кон членството во Европската Унија. Ние ја гледаме ЕУ како клучен политички и економски чинител, вклучително и во нашиот индо-пацифички регион, кој споделува заеднички вредности со Австралија“, рече амбасадорот на Австралија.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на новиот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, со седиште во Тирана, Фаисал Гази Исмаил Хифзи, претседателот Пендаровски истакна дека односите меѓу двете земји се темелат на заемно пријателство и меѓусебно разбирање што претставува солидна основа за нивно натамошно унапредување.
„Во таа насока, дозволете ми да ја истакнам нашата искрена подготвеност за унапредување на билатералните односи и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес. Ве уверувам дека ќе продолжиме со сите неопходни активности и иницијативи за постигнување на овие цели“, рече претседателот Пендаровски.
Амбасадорот на Саудиска Арабија истакна дека е длабоко почестен што ја претставува својата земја како нов амбасадор на Кралството Саудиска Арабија за Република Македонија.
„Би сакал да ја потврдам мојата заложба дека ќе вложам максимални напори за натамошно развивање на соработката и добрите односи меѓу нашите две земји и народи“, рече амбасадорот на Саудиска Арабија.
Претседателот Пендаровски на новите амбасадори на Австралија, Даниел Емери и на Кралството Саудиска Арабија, Фаисал Гази Исмаил Хифзи им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.
Tv21
Коморска соработка за развој на социо-економските односи помеѓу Турција, Македонија и Косово
Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO) денеска во Скопје ќе биде домаќин на претставници од Стопанската комора на Косово – Турција (КТТО) и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ“ од Косово.
Целта на настанот е да придонесе за развој на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово, а ќе се потпише протокол за соработка на Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO), Стопанската комора на Македонија – Турција (КТТО) и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ“ од Косово.
Според најавата од МАТТО, на настанот ќе се обратат вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за регионален развој на Косово, Фикрим Дамка, како и амбасадорите на Турција во државава Хасан Мехмет Секизкок и на Косово Приндон Садриу.
– Во рамки на овој настан ќе бидат презентирани економските показатели и можности за инвестирање во Република Северна Македонија и Република Косово и ќе бидат дискутирани можностите за поголема меѓусебна соработка во повеќе сектори и зголемување на обемот на трговска размена помеѓу двете земји. Во таа насока, настанот ќе биде заокружен со потпишување на Протокол за соработка помеѓу Стопанската комора на Македонија – Турција (MATTO), Стопанската комора на Македонија – Турција (КТТО) и Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ“ од Косово, најавуваат од МАТТО
Nova Tv
Филмско апсење кај Гевгелија: Криумчар на мигранти се обидел да ѝ избега на полицијата, го напуштил и возилото, но бил фатен
Претходно, во 19.20 часот на автопатот на место викано „Нова петла“ во близина на Гевгелија, тој не застанал на даден знак од полициски службеници, а откако бил стигнат запрел, го напуштил возилото и се обидел да избега, но бил фатен и лишен од слобода, се наведува во соопштението.
На автопатот Гевгелија – Скопје, полициски службеници од Полициска станица Гевгелија вчера го лишиле од слобода К.А.(20) од Прешево, Република Србија, затоа што при преглед во товарно возило „фиат дукато“, со српски национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 28 лица – мигранти.
Како што соопштија денеска од МВР, од пронајдените мигранти 25 биле од Куба (20 полнолетни и 5 малолетни) и тројца од Индија.
– Претходно, во 19.20 часот на автопатот на место викано „Нова петла“ во близина на Гевгелија, тој не застанал на даден знак од полициски службеници, а откако бил стигнат запрел, го напуштил возилото и се обидел да избега, но бил фатен и лишен од слобода, се наведува во соопштението.
Мигрантите биле пренесени во Прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија, а К.А. бил задржан во Полициска станица Гевгелија.
Во координација со Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 гостува првиот вицепремиер, Артан Груби, од редовите на ДУИ со кого разговаравме за актуелни теми.
Груби откри дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е веќе согласен за во последните 100 дена на Владата на чело да застане премиер Албанец.
„Договорот меѓу ДУИ и СДСМ е да има премиер Албанец 100 дена пред избори. Тоа е разговарано со Заев и Ахмети. Интересно е дека и Заев предвидел дека последните 100 денови на Владата ќе ги води премиер Албанец. За тоа е согласен и Димитар Ковачевски верувам. Е сега, да кажам дека и ВМРО-ДПМНЕ се согласни да има премиер Албанец. Тоа е разговарано меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Се мисли на последните 100 дена на оваа Влада. Лично за ова разговарале Ахмети и Мицкоски“, порача Груби.
Tv 21