Со автобус, без проблем ќе стигнете до кој било град во Европа, но речиси до ниеден град во источна Македонија. Внатрешните меѓуградски линии се болна точка за граѓаните, посебно за повозрасните, кои од градовите во внатрешноста буквално се мачат да пристигнат до метрополата, но и до околните градови. Од Автобуската станица во Скопје, со која стопанисува фирмата „Руле Турс“, велат дека истокот е посебно критичен.
Македонија
За автопатите што ќе ги градат Бехтел и Енка, државата досега платила 189 милиони евра и до крајот на годинава ќе даде уште 56 милиони. За следната година се планирани нови 245 милиони евра. Компанијата Енка информира дека работите за топографско и геотехничко истражување се одвиваат со брзо темпо.
Државата досега издвоила 11,6 милијарди денари или околу 189 милиони евра за автопатите што ќе ги гради конзорциумот Бехтел и Енка. Договорот е склучен пред осум месеци, власта досега организираше три свечености за „прва лопата“ за градба, но засега нема поголеми градежни активности. Од градежната фирма „Енка“ наведуваат дека се прават истражувања, дел од делниците имаат одобрение за урбанистичи план, а за дел процедурата е во тек.
Договорот предвидува изградба на четири делници од Коридорите 8 и 10 Д, со вкупна должнина од 108 километри.
На Коридор 8 треба да се прошири автопатот на делницата Тетово -Гостивар и да се изгради нов автопат на делницата Требеништа – Струга – Ќафасан и на Гостивар-Букојчани. Коридорот 10 Д пак треба со автопат да ги поврзе Битола и Прилеп. На патот Тетово -Гостивар се уште не можат да се видат никакви градежни активности за негово проширување.
Повеќе на РСЕ
Вработени во судската и јавнообвинителската администрација, Фондот за здравство и Канцеларијата на народниот правобранител и други денеска (24 ноември) излегоа на протест пред Собранието, Министерството за правда и Владата. Тие бараат повисоки плати и враќање на додатоците за плата. Од пред Собранието тие ги повикаа пратениците од сите политички партии, пред кои веќе е предлог буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за покачување на платите.
Извор:РСЕ
СДСМ и ДУИ се блиску до договор за настап на заеднички листи пред парламентарните избори, но конечен договор нема. Во дилема дали да им се придружи е и третата партија во владејачката коалиција, Алијанса за Албанците. Во опозицискиот блок ситуацијата е појасна. Извесни се двојни избори на 8 мај.
Почна лицитирањето меѓу партиите за тоа кој со кого би се здружил пред изборите напролет. Додека се поизвесно е дека на истиот датум, 8 мај, ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори, а техничка влада би се формирала на 27 јануари, сепак уште се тактизира кои партии со заедничка листа ќе ја бараат довербата од гласачите.
Партиите се поделија во два блока – на едната страна се владејачките СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците кои навестуваат, но не кажуваат децидно дали би настапиле на заедничка листа на изборите за пратеници. На другата страна се опозициските партии на Албанците (Демократското движење на Изет Меџити, Беса на Билал Касами и Алтернатива на Африм Гаши) кои веќе е обединија под заедничкиот назив – Европски сојуз за промени и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која настапува самостојно.
Повеќе на:РСЕ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од Скопје порача дека Северна Македонија може да се потпре на НАТО, јавува Анадолу.
На заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Столтенберг рече дека Северна Македонија е вреден НАТО-сојузник.
Како што истакна, Северна Македонија придонесува во мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, ја изрази својата посветеност да потроши 2 отсто од БДП за одбрана, ја осуди војната на Русија против Украина, воведе санкции кон Русија, и обезбеди воена и финансиска поддршка за Украина.
„НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија може да се потпре на НАТО. Алијансата ја гарантира вашата безбедност, вие сте покриени од воздушната патрола на НАТО. Борбени авиони од Грција и Италија патролираат на вашето небо за да бидете безбедни. Ова е солидарноста на НАТО во акција“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека безбедноста на Западен Балкан е од фундаментално значење за НАТО, додавајќи дека има причини за загриженост.
Столтенберг го повтори повикот до политичките лидери на Босна и Херцеговина да се воздржат од сепаратистичката реторика и ја истакна потребата Белград и Приштина да се вклучат во дијалогот олеснет од страна на ЕУ.
Одговарајќи на новинарско прашање за руското влијание на Балканот и потенцијалот за дестабилизација, Столтенберг рече дека не гледа непосредна руска воена закана за кој било сојузник во НАТО:
„Сепак, ние остануваме будни. Внимателно следиме што прави Русија и остануваме обединети. Имаме воено присуство во овој регион, со КФОР, со седиштето во Сараево и всушност и со канцеларија во Белград, и подготвени сме брзо да испратиме засилување и да направиме сé што е потребно за да се заштити секој сојузник од каква било закана. Но, повторно, не гледаме никаква воена закана против ниту еден сојузник на НАТО“.
– „Со нашата обединетост како сојузници докажавме дека Алијансата е посилна и побројна од кога било досега” –
Премиерот Димитар Ковачевски во својот говор го оцени Столтенберг како голем пријател на Северна Македонија, додавајќи дека ова е негова прва посета во Скопје откако земјата стана полноправна члена на НАТО.

Додаде дека е разговарано за Алијансата, за евро-атлантската интеграција на земјата и на регионот, но и за светската безбедност и мир, како и за најзначајните случувања во регионот, во Украина и во Појасот Газа.
Ковачевски истакна дека да се биде дел од НАТО значи безбедност, додавајќи дека Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилноста во регионот.
„За некој месец ги достигнуваме и зацртаните 2 проценти од БДП кои ги одлучивме на годишнешниот Самит во Вилнус, каде воедно и го договоривме и најробусниот план за одбрана на НАТО. Продолжуваме и со нашиот придонес во мисиите на НАТО во Косово и во Ирак, и во борбените групи на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија. Со нашата обединетост како сојузници докажавме дека Алијансата е посилна и побројна од кога било досега и тоа во годината која што донесе најголем предизвик за Алијансата од нејзиното основање“, рече Ковачевски.
Тој ја истакна и потребата од зачленување на земјата во Европската Унија (ЕУ), додавајќи дека не смее да има пречки на тој пат.
„На овој европски пат, секоја поддршка е добредојдена и посакувана. И тука, сакам на Генералниот секретар на НАТО лично да му се заблагодарам за неговата силна заложба за евро-атлантската интеграција на Северна Македонија и на Западниот Балкан во целост. Една стратешка цел со НАТО за нас е исполнета. Верувам дека со ваша и со помош на нашите пријатели од евроатлантската заедница ќе успееме да ја исполниме и втората стратешка цел, членството во ЕУ“, рече Ковачевски.
Во текот на денешниот ден, Столтенберг одржа говор пред пратениците во македонското Собрание, а се сретна и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во текот на утрешниот ден, Северна Македонија ќе биде домаќин на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ќе ги пречекаат поканетите лидери на Албанија, Хрватска и Црна Гора.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е на четиридневната балканска турнеја од 19 до 22 ноември, во рамките на која ги посети Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Северна Македонија.
Деветнаесетгодишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државна лотарија
Последен договор кој Државна лотарија го има склучено месецов е за купување на апарати за коцкање. Ќе ги набавува компанија која порано работела во дејноста архитектура, со седиште во кумановско Липково. Со промената на името, адресата и дејноста, добива и нов сопственик, 19 – годишниот Фљамур Невзатовски.
- Тендерот на Државна лотарија за набавка на апарати за коцкање што го добила компанијата „АП Солутионс“ тежи 204.825 евра.
- РСЕ продолжува да го истражува закупот на Државна лотарија тежок 2,6 милиони евра со компанија блиска на ДУИ. Откриваме дека пред „Хеј ДООЕЛ“ да склучи договор за закуп со акционерското друштво, управител на компанијата била Натура Груби Бела, која всушност е братучетка на вицепремиерот Артан Груби.
- РСЕ откри уште една компанија, „Медиа Гроуп ДООЕЛ Тетово“, блиска до „Арбериа Десигн“ која добила тендер во Државна лотарија. И двете компании до неодамна биле регистрирани на иста адреса во Тетово, а склучиле посебни договори за јавни набавки со Државна лотарија и тоа во ист ден.
- Молкот е единствениот одговор кој го добивме од Финансиската полиција на прашањата дали освен милионскиот закуп на Државна лотарија, предистрагата е проширена и кон компаниите на блиски и роднини на „Арбеира Десигн“ кои добиваат тендери во акционерското друштво.
Фразата дека годините се само бројка е употреблива и во бизнисот. Таков е примерот на 19 годишниот кумановец Фљамур Невзатовски кој од неодамна е и млад претприемач.
Во негова сопственост е компанијата „АП Солутионс“ која за потребите на Државна лотарија ќе набавува лотариски терминали – апарати за коцкање.
Склучениот договор на компанијата со акционерското друштво е последен кој стои објавен на Бирото со јавни набавки. За сума од 12.598.425 денари или 204.825 евра, компанијата на Невзатовски треба да набави 95 терминали. Нивната единечна цена изнесува 126.300 денари по еден терминал.
Увидот во целокупната документација на компанијата во Централниот регистар на (17 ноември) покажува дека Друштвото за програмирање, маркетинг, трговија и услуги „АП СОЛУТИОНС ДООЕЛ“ увоз-извоз Скопје, го добила новиот назив на компанијата на 19 април 2023 година.
Од основањето во јануари 2018 година до пред шест месеци, била заведена под името „Друштво за проектирање, дизајн, градежништво, трговија и услуги ФДЕСТАНИ АРХИТЕКТ ДООЕЛ увоз-извоз с.Лојане Липково“, со регистрирана дејност во архитектурата. Променето е и седиштето на компанијата од селото Лојане, Липковско во скопски Аеродром.
Во старата фирма сопственик и управител бил Фатбард Дестани. Основачкиот влог е во вредност од 307.500 денари, но, во непарични средства. Влогот во основната главнина се состои од канцелариска опрема.
На 19 април 2023 година, со промената на името и адресата на компанијата, Фатбард Дестани доставил понуда до Фљамур Невзатовски за преземање на нејзиниот основачки влог. Истиот ден, тој е прифатен и преземен од Фљамур Невзатовски. Веќе од 25 април, Невзатовски станува единствен основач и управник на „АП Солутионс“.
Повеќе на РСЕ
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој престојува во официјална дводневна посета во Скопје, јавува Анадолу.
Ова е прва посета на Столтенберг во Северна Македонија откако државата е полноправна членка на НАТО.
Исто така, Ковачевски и Столтенберг ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во текот на денешниот ден, Столтенберг ќе одржи говор пред пратениците во македонското Собрание, а ќе се сретне и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во текот на утрешниот ден, Северна Македонија ќе биде домаќин на неформалниот состанок на лидерите на НАТО-сојузниците од регионот. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Албанија, Хрватска и Црна Гора.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е во четиридневна балканска турнеја од 19 до 22 ноември, во која ги посети Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Северна Македонија.
Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Северна Македонија организира регионална конференција
Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Северна Македонија преку регионална конференција ја одбележува 20-годишнината од своето формирање, јавува Анадолу.
На дводневната регионална конференција насловена „Соработка за зајакнување на претприемништвото и растот на малите и средни претпријатија“ учествуваат претставници од Туркије, Албанија, Косово, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.
На отворањето на конференцијата, поздравен говор имаше заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, кој ја нагласи регионалната соработка за зајакнување на претприемништвото и растот на малите и средни претпријатија, додавајќи дека конференцијата придонесува за поголема интеграција и размена на информации и добри практики во насока на поголем економски раст и развој.
Хусејин ја истакна и поддршката и значењето што институциите му ги даваат на претприемништвото, истакнувајќи ја програмата „Самовработување“.
„Во насока на проверено успешни добри практики од земјава, Министерството за труд и социјална политика, со партнерите Агенција за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото, поддржана од УНДП – програмата за развој на Обединетите нации од 2007 година, реализираат програма која игра клучна улога во градењето опкружување кое го поддржува претприемништвото“, рече Хусејин, додавајќи дека од оваа програма досега се креирани околу 17.000 бизнис-планови во повеќе од 15.000 регистрирани компании.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во својот говор го поздрави фактот што агенцијата создаде мрежа на држави кои се присутни на регионалната конференција.
Таа потсети дека 25 години била активна во деловниот сектор, вклучително и 7 години на чело на Сојузот на стопански комори.
„За мене нема ништо поважно во една земја и за економијата на една земја од малите и средни претпријатија и приватниот сектор. Ова е столбот на економијата и тоа се всушност субјектите кои придонесуваат нашата економија да оди напред, да расте и да се развива. Тоа е случај и со Северна Македонија, каде над 99 отсто од регистрираните субјекти во приватниот сектор се мали и средни претпријатија“, рече Арсовска.
Таа додаде дека Градот Скопје традиционално преку повеќе програми го помага претприемништвото, додавајќи дека за прв пат во земјата е формиран и Совет на жени претприемачи, чија цел е да се постигнат еднакви можности и да се зајакнат жените.
Директорот на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Имер Имери, го изрази своето задоволство што првата регионална конференција се организира во годината кога агенцијата одбележува 20 години од основањето.
„Веруваме дека овој настан ќе испрати храбра порака до сите засегнати страни и до ЕУ, дека регионот на Западен Балкан и соседството се соочуваат и споделуваат заеднички предизвици и затоа е ориентиран кон оптимизирање на вложените средства во растот на конкуренцијата и растот на претпријатијата преку ваквите иницијативи за да се разменуваат добри практики и заемно да се пренесува знаење“, рече Имери.
Несфатливо е на километар квадратен да има 66 директори, 33 здравствени установи и 33 управни одбори, вели министерот за здравство Фатмир Меџити. СДСМ пред 6 години најави дека ќе ги разрешува организациските директори, но тоа не го направи. За нивните плати одат околу половина милион евра годишно.
Јетон Шаќири е организациски директор на Клиниката за гинекологија во Скопје. Шаќири, кој има исто име и презиме како актуелниот министер за образование, е трет на оваа функција во клиниката во последните шест години.
Сите министри во истиот период најавуваа дека ќе ги укинат организациските директори и тоа треба да донесе заштеда во буџетот од околу 540 илјади евра годишно, колку што ја чинат државата платите на менаџерите на клиниките што во просек се по околу 1.500 евра месечно.
Го прашавме Шаќири – кога го именуваа, му кажаа ли, до кога му е „рокот“ на директорување?
„Не зависи од мене до кога ќе бидам тука, тоа е одлука на министерот. Но, ако ме прашувате, работа има преку глава. Во поголемите клиники и двајца директори се малку“,изјави Шаќири.
Повеќе на РСЕ
Покрај Камчев и брачниот пар Самсоненко, на „црната листа“ завршија и пет фирми од Северна Македонија кои се поврзуваат со нив. Меѓу нив и „Орка Холдинг“ и „Систина лајф кеар центар“, соопшти Американското Министерство за финансии.
Ратка Куноска-Камчева, која е мајка на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко се новите личности од Северна Македонија кои завршија на „црната листа“ на САД.
Сите тројца, се наведува во извештајот од американското Министерство за финансии објавен денеска, на 15 ноември, се поврзани со Јордан Камчев.
Камчев беше ставен на црната листа на САД на 19 јули годинава, како едно од лицата кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување.
Во ажурираната „црна листа“, Агенцијата за контрола на странски имоти во Министерството за финансии на САД, смести и неколку фирми поврзани со Камчев и Самсоненко:
- „Бет сити интернешнал“, компанија за рекламирање, маркетинг и услуги – поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев;
- „Камчев Консалтинг“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;
- „Орка Финанс“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;
- „Орка Холдинг“ – поврзана со Јордан Камчев;
- „Систина лајф кеар центар“ – поврзана со Ирина Самосоненко.
Покрај тројцата државјани од Северна Македонија, на американската црна листа се додадени уште седум лица од земјите од регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Во однос на фирмите, пак, покрај петте од земјава, додадени се уште 15 други од регионот и од Русија.
„Русија продолжи да го користи своето влијание на Западен Балкан со цел да ја спречи интегрирацијата на регионот во меѓународните институции и организации, како и да ги користи клучните јурисдикции за да ги олесни нејзините агресивни дестабилизирачки активности“, изјави потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во американското Министерство за финансии, Брајан Е. Нелсон.
Проширувањето на листата, оцени тој, ги потврдува напорите на американската влада за промовирање на мирот стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот на Западен Балкан.
Портпаролот на Министерството за финансии, Метју Милер, пак, во изјавата посочи дека исто така санкциите се однесуваат на лица кои директно го олеснуваат руското влијание во регионот.
„Овие поединци и субјекти ги попречуваат клучните реформи и напредокот кон пристапувањето во ЕУ. Со објавувањето на овие имиња, американската влада има за дел да го промени однесувањето на инволвираните и да се бори против локалната корупција, организираниот криминал и недозволените бизниси и трговијата со влијание, што го зајакнува злонамерното влијание на Русија“, рече Милер.
Повеќе на:РСЕ