Почна комисиската расправата во Собранието за ребалансот на буџетот за оваа година. Повеќе од 200 амаднамни се поденесени од пратеничките групи ВМРО- ДПМНЕ, и коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива. Со првиот ребаланс на буџетот годинава планира да потроши дополнителни триста милиони евра од првично планираното. Расходната страна на буџетот е зголемена за 8,6 насто или сега ќе изнесува 4,3 милијарди евра. Приходната страна на буџетот ќе се зголеми за 100 милиони евра или ќе изнесува 3,6 милијарди евра. Со ребалансот се очекува и зголемување на буџетската дупка од 180 милиони евра со што ќе достигне 6,5 отсто од БДП.
Македонија
Откако Вилма Рускоска го измени обвинението за „Организатори на 27 април“, адвокатите на обвинетите побараа одлагање на рочиштето за да се произнесат дали предметот да се врати во доказна постапка или да се продолжи со давање завршни зборови. Судот прифати да се одложи расправата, но потенцираше дека обвинителот има право да го измени обвинението. Следното закажано рочиште, треба да продолжи со завршни зборови.
– Вие сте искусни и спремни адвокати за секогаш да дадете завршен збор. Главната расправа може да се одложи. Имајќи во предвид дека обвинетите и нивните бранители бараат одлагање за подготовка на завршни зборови, главната расправа се одлага за 6 и 12 јули – рече судијата Илија Трпков.
Адвокатот Гоце Ристески кој го застапува Спиро Ристовски наведе кои се промените во изменетиот обвинителен акт за неговиот клиент.
– Во текот на доказната постапка, по првичното обвинение, по околностите кои ги наведов, одбраната предложи, а судот прифати и испита 63 сведоци. Во овој момент, одбраната на Спиро Ристовски не може да се произнесе дали понатаму ќе предложи враќање на предметот во доказна постапка или ќе продолжи со давање на завршни зборови, бидејќи денеска е примено изменетото обвинение. Предлагаме главната расправа да се одложи за да одбраната може да се спреми за понатамошниот тек на постапката – рече адвокатот.
Според адвокатот Дончо Наков постојат пресуди на апелационите судии каде предмети биле враќани на повторно судење, бидејќи на одбраната не и било овозможено по измена на обвинителен акт да даде контра аргументи.
– По изменетиот обвинителен акт, доколку влегувате во фаза на завршни зборови, ниеден од обвинетите не се произнел за правото или признавањето на евентуална вина по изменетиот акт. Ниеден од обвинетите по изменетиот акт, не дал своја одбрана по дејствијата кои се изменети. Ниеден од обвинетите, не е повикан, ако продолжите со завршен збор, да даде контра аргументи и одбрана, во поглед на ваквиот изменет обвинителен акт. Во судската пракса, постојат повеќе пресуди, во кои апелациониот суд го враќа предметот, бидејќи не се пружени правата на одбрана кои ги цитирав. Елементарните. Сметам и сакам да кажам, дека примарните права на обвинетите на одбрана се повредени. Се приклучувам кон предлогот на Гоце, да се даде рок на одбраната, за правата на обвинетите да ви бидат предочени – рече Дончо Наков.
Исти ставови имаа и останатите адвокати.
– Ова ја менува структурата и концепцијата на завршниот збор, која што како бранител би ја дал за обвинетиот Трајко Вељановски, измените за Спиро Ристовски ги кажа колегата, а такви измени има и кај Миле Јанакиески. Предлагам во овој момент да ни биде овозможено, да онака како што наведоа колегите, се преструктуираме и подготвиме завршниот збор – рече Еленко Миланов кој ги застапува Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Претходно, завршен збор даваше обвинителката Вилма Рускоска. Таа кажа дека сè се знаело, се било испланирано, само не се знаел датумот. Според неа, обвинетите не биле изманипулирани, туку знаеле што прават.
Nova Makedonija
Повлечен Предлог-законот за учебници, Владата ќе го враќа на јавна дискусија
Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование е повлечен, објави на Фејсбук иницијативата „Учебници и настава мора да има“, која побара и референдум за законот кој ја отвора можноста за воведување дигитални учебници.
Од иницијативата ова го нарекоа победа, додавајќи дека дописот го добиле од Собранието потпишан од претседателот Талат Џафери, со кој тој ги информира дека Владата го повлекува предложениот закон.
Истовремено од Владата и Министерството за образование појаснуваат дека не се откажуваат од носење на законот, туку го ставаат на јавна дискусија.
– Предлогот на Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог и или сугестија за усвојување на најдобрата верзија во интерес на поквалитетен воспитно – образовен процес, по што конечниот текст на законот, кој ќе се креира по целосно исцрпување на придобивките од јавната дебата, ќе биде доставен во Собрание, велат од Министерсвото за образование и наука.
Од таму најавија дека продолжуваат со имплементирање на планот за реформа на основното образование, согласно кој, предвидените новини се воведуваат етапно со почетокот на новата учебна година, во прво и четврто одделение.
– Во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следи дистрибуција до училиштата., додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија, велат од МОН.
Законот за учебници веќе еднаш беше повлечен од собраниска процедура. Појаснувањето тогаш беше дека се усогласува со европското законодавство, по што беше вратен со европско знаменце.
Nova Tv
АЕК: Домашниот пакет ќе ви важи и во Западен Балкан, интернет услугите лимитирани во роамингот
Од денес е укинат роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа се заокружува примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.
Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена и за над 80 проценти, а од утре стартува втората фаза и целосно укинување на роамингот.
Почнувајќи од денес предвидено е напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на Спогодба, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надомест за корисникот.
Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април 2019 година во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан.
Марјан Пејовски од АЕК за Утрински брифинг вели денеска е денот кога стартува – Користете роаминг услуги така како што ги користете дома мобилните телефонски услуги. Значи користете го вашиот мобилем телефон и во странство, во случајов во земјите од Западен Балкан. Нашите граѓани кога ќе патуваат во една од тие земји ќе можат да ги користат роаминг услугите на начин и по тарифни планови како што тие мобилни услуги ги користат дома.
-Кога еден наш граѓанин патува во Црна Гора или Албанија, ќе може да го користи мобилниот телефон за роаминг иако тој граѓанин некој тарифен модел на пост пејд во кој се вклучени неограничени минути во националните мрежи, неограничени СМС пораки и одредена количина на интернет. Тоа значи дека поволностите на тој тарифен план ќе може нашиот граѓанин да ги користи во една од земјите од Западен Балкан. Значи ако минутите тука му се вклучени во таа месечна претплата, тогаш тие истите минути на сообраќај ќе си ги користи таму.
-Интернетот во принцип , кога одите во роаминг, одредена количина согласно тој тарифен план, а тоа корисникот најдобро е да го искомуницира со својот оператор, ќе му буде дозволена да го користи во роаминг. Наједноставен пример – Ако имаме 10ГБ мобилен сообраќај дома, би имал околу 2.5 ГБ во странство, вели Пејовски.
-Операторите ќе ги информираат граѓаните. Кога ќе достигнете лимит, операторот ќе го прекине интернетот, и ќе ве информира најчесто со СМС. Ако вие дополнително сакате да го користете, тоа ќе биде вметнато во крајната сметка.
-Независно дали интенетот е ограничен. И во домашните тарифни планови, секаде пишува политика на фер користење.
[embedyt] https://www.youtube.com/watch?v=QQCQ9XTJA3o[/embedyt]
Sloboden pecat
Македонско-хрватски бизнис средби: Авиолиниско поврзување на Охрид со Сплит или Дубровник
Авиолиниско поврзување на Охрид со Сплит или Дубровник, како туристички центри, во насока на поддршка на туризмот што е меѓу најпогодените гранки во ковид пандемијата, е една од иницијативите што ги изнесоа македонските и хрватските бизнисмени на денешна деловна средба во Загреб.
Бизнимени од Сојузот на стопански комори на Македонија и од Хрватската трговска комора на средбата, организирана во рамки на официјалната посета на претседателот Стево Пендаровски на Хрватска, оценија дека постојат големи можности за подобрување на трговската соработка помеѓу двете држави. Порачаа да се искористат одличните политички односи и да се зајакне економската дипломатија.
– Од сите дипломатии најважна е економската дипломатија и тоа нешто на што мора сами да работите. Бизнисот ја отвора најдобро вратата за каква било соработка. Не треба да нагласуваме дека Хрватска и Македонија имаат многу добри односи, но сето тоа мора сите да го искористиме да ја подобриме и зголемиме трговската размена која минатата година беше некаде околу 221 милион долари, но таа секако има уште простор и потенцијал да се зголеми, изјави Лука Бориловиќ, претседател на Хрватската трговска комора.
Тој се надева на идна соработка и со Сојузот на стопански комори, потенцирајќи дека Хрватската трговска комора е на располагање за поврзување на компаниите во насока на искористување на можностите за соработка.
Како што изјави претседателката на ССК Данела Арсовска, на средбата детектирале дека има навистина голем потенцијал за зголемување на трговската размена која, укажа, во овој момент не се наоѓа на задоволително ниво и покрај тоа што во изминатите години особено во пандемиската година е забележан раст во трговската размена меѓу Македонија и Хрватска.
-Веруваме дека потенцијалот што го детектиравме во делот на индустриското производство, особено во делот на ИКТ индсустријата, но и отворање на нови можности за дестинации помеѓу нашите туристички центри, во Македонија – Охрид и во Хрватска – Сплит или Дубровник дека ќе биде навистина голема можност во овој постпандемиски период да го развиеме и туризмот, што беше една од најзагрозените гранки, изјави Арсовска.
Деловната средба ја отвори претседателот Пендаровски, кој порача дека со заеднички напори, вакцинација, но и активности за владеење на правото како клучно за бизнис климата, ќе се подобри економската соработка и ќе се помогне за нормализирање и развој на економијата по штетите од здравствената криза.
– Оптимистичките сценарија за македонската и хрватската економија се дека четвртиот квартал годинава може да донесе поголеми стапки на економски раст и практично да биде предвесник на она што ќе се случува следната година кога би можеле да очекуваме целосно враќање на економскиот потенцијал како што беше пред 2020 година, потенцираше Пендаровски.
Кога разговараме за економската соработка помеѓу двете држави, но и со другите држави од регионот, нагласи Пендаровски, јасно е дека пандемијата не е единствената причина зошто економската соработка не е на уште повисоко ниво.
– Во нашата економија јасно е дека не се зависи од луѓето во бизнис секторот, јасно е дека се многу значајни стабилноста и интегритетот на институциите, најважно е владеењето на правото, најважно е корупцијата да се сведе на најниско можно ниво за странски инвеститори и бизнисмени да доаѓаат во држава која има предвидлива бизнис клима и стабилен бизнис систем кој може да ги штити нивните права, рече Пендаровски, кој со учеството на деловната средба ја заокружи дводневната официјална посета на Хрватска, во тек на која имаше средби со хрватскиот државен врв.
Директните инвестиции од Хрватска во земјава во 2020 година прикажуват одлив од 0,76 милиони евра. Анализирајќи го периодот од 2010 до 2020 година се забележува дека најголеми инвестиции се направени во 2011 година од осум милиони евра, покажуваат податоците на Стопанската комора на Македонија.
Вкупната трговска размена меѓу двете држави во периодот јануари-април годинава, изнесува 69,9 милиони долари, што претставува раст од 15,42 проценти во однос на истиот период од претходната година. Остварен е извоз од 36,1 милиони долари (раст од 18,02 проценти), додека увозното салдо изнесува 33,7 милиони долари (раст од 12,77 проценти), споредено со истиот период од 2020 година. Во вкупната надворешно-трговска размена е остварен е трговски суфицит од 2,3 милиони долари.
Хрватска е наш 21-ви трговски партнер за периодот јануари-април 2021 година, а 20-ти во 2020 година, кога размената достигна 199 милиони долари, што е раст од 12,54 проценти во однос на претходната 2019 година, но со трговски дефицит од 13,2 милиони долари.
Sloboden pecat
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава, против претседателот на Собранието, Џафери
ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери поради, како што се наведува во нивното соопштение, „свесно кршење на Уставот и законите”.
Од опозициската партија апелираат надлежните власти и институции да реагираат и да го осудат ваквиот чекор.
ВМРО-ДПМНЕ го највува овој чекор откако пред два дена претседателот на Собранието Џафери пред Комитетот за надворешна политика на ЕП се обрати на албански јазик.
Интерпелација за Џафери денеска најави Левица, а поддршка доби и од ВМРО-ДПМНЕ
Sloboden pecat
Добрата вест е што заврши португалското претседателство во ЕУ, изјави претседателот, Стево Пендаровски, на новинарско прашање како ја коменира изјавата на португалската министерка, Ана Паула Закарија, дека „северномакедонскиот јазик бил дел од бугарскиот јазик“.
„Од историчари кои се бават со политика полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Јас навистина искрено жалам за погрешната изјава на португалската министерка која во суштина ги поткопа сите напори кои нејзиниот колега од истата влада, Да Силва, ги правеше месеци наназад за на крајот на тоа шестмесечно претседателство да излезе со одличен балансиран предлог кој водеше сметка за виталните интереси и на Северна Македонија и на Бугарија“, рече Пендаровски.
Тој изрази надеж дека Словенија ќе продолжи долж истата патека со почитување на државните и националните интереси на двете држави.
„Добрата вест е што заврши португалското претседателство. Јас се надевам дека нашите пријатели од Словенија кои го преземаат кормилото на ЕУ следните шест месеци ќе продожат долж истата патека со полно уважување на виталните национални и државни интереси на двете страни инаку поинаку не може да се дојде до договор“, рече Пендаровски.
Nova Makedonija
Пратениците од Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива нема да го поддржат законот за управување со отпад, кој е доставен до Собранието. Гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари, е на иста линија со дел од невалдините организации кои велат дека со закон ќе се овозможи увоз на отпадот како енергенс од други држави.
„Не се ни дискутира дали во Македонија треба да се увезе отпад. Вие знаете дека Македонија сама по себе веќе е една легална депонија. Прво треба да ги решат локалните и регионалните депонии кои вријат насекаде низ државвата и треба да се најде решение, а не да се увезува отпад. Значи нашата пратеничка група сигурно ќе биде против тоа“, рече Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.
За изградбата на трите регионални депонии, Таравари вели дека онаа во Русино треба да се дислоцира или во Желино или во Јегуновце. Но, ако се прави според европски стандарди може да остане и во Русино. Другите две е планира да се изградат во Пелагонискиот регион и во Свети Николе каде би се складирал отпадот од североисточниот дел на земјава. Кумановскиот градоначалник, Максим Димитревски, денеска рече дека фабриката за преработка на отпад ќе се гради со поддршка од ЕУ.
„На урбаниот дел на Куманово имаме четири сериозни локации коишто најмалку двапати во годината ги чистиме, озеленуваме и повторно ја имаме истата слика. Според мене главниот проблем е недостаток на капацитет на општините во инспекцискиот надзор“, рече Димитриевски.
За отпадот денеска се дискутираше на форумот за управување со цврст отпад и депонии. На дебатата беше кажано дека во земјава има три пати повеќе диви депонии отколку што има градови и села, односно над илјада диви депонии.
Alsat-m
Милановиќ: „Погрешно и неморално е да се спори идентитетот, правото на име и јазик“
Изјавата на португалската државна секретарка е резултат на незнаење и невнимание. Јас не сакам да бидам невнимателен во моите изјави, бидејќи можеби ќе и наштетам на Македонија. ЕУ одамна не е заедница на некои униформирани вредности, туку на некои сличности и што побргу тоа го сфатиме ќе одиме кон ЕУ. Ако не го сфатиме ќе одиме назад, бидејќи ЕУ има свои лимити до кои може да се оди. Сигурно не може да се оди над лимитите на националните држави, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Според него, кога се влегува во нечиј интимен простор, во деликатни работи како идентитетот, правото на име и правото на јазик, тоа не завршува добро особено ако, како што нагласи, мотивите се опортунистички.
„Што ќе биде ако Хрватска го доведе во прашање црногорскиот јазик? И Босна и Херцеговина е наша соседна држава и тешко е на некој да му го одречеш правото да се нарекува со некое име и со тоа име да го нарекува јазикот. Значи за мене е нормална работа босанскиот јазик, што би било кога би го оспориле? Тоа е погрешно и неморално. Црногорскиот јазик исто така. Тој е дел од идентитетот на таа држава“, вели Милановиќ.
Тој оцени дека Северна Македонија и Албанија на „безобразен начин“ се држат пред вратата на Унијата.
„Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите што поскоро и тоа нема да биде лесно. Ваквите пораки кои се испраќаат се обесхрабрувачки, дури и дискриминирачки“, смета Милановиќ.
Nova Tv
Туристичко-угостителската комора, задоволна со одлуката за работа на затворените простории на угостителските објекти
Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори ја поздравува одлуката на Владата од 1 јули да се дозволи редовна работа и во затворените простории на угостителските објекти, вклучително и организирање прослави и настани.
Според ТУК, одлуката беше донесена на нејзина иницијатива, но во соработка со Министерството за економија кое изминатиот период покажа капацитет за конструктивна соработка во интерес на секторот.
Како што вели претседателот на ТУК, Владимир Граматиков, на ист начин беше донесена и мерката за еднократна финансиска помош за регистрираните претпријатија, при што ТУК во соработка со Министерството за економија дејствуваше за креирање помош која во време на криза им е неопходна на претпријатијата.
– Во изминатиот период се постигна значајно подобрување на епидемиолошката состојба во земјата, што сметаме дека дозволи да се отстранат рестриктивните мерки кои постоеја повеќе од една година со цел да се спречи ширење на КОВИД-19. Угостителските објекти ги усвоија новите протоколи за работа и се подготвени за пружање на своите услуги во безбедни услови со што ќе се повторно постигне воспоставување на деловната активност која порано постоеше со цел нормализирање на социјалната интеракција во општеството, истакнува Граматиков.
Според него, Туристичко-угостителската комора ќе продолжи да биде активен учесник и партнер на надлежните институции во справување во сите предизвици, како и во креирање на мерки, активности и политики кои ќе креираат подобро деловно окружување за туристичко-угостителскиот сектор.
– Тесната соработка на институциите и коморите се покажа како еден од главните фактори за креирање на одржливи решенија на проблемите. Туристичко-угостителскиот сектор беше еден од најпогодените сектори од здравствено-економската криза, а за надминување на последиците со кои се соочува ќе треба подолг временски период и поголема ангажираност од надлежните институции. Ова е сектор кој има голем потенцијал за развој, што треба да се стави во функција за постигнување на побрз раст во постпандемискиот период, додава Граматиков.
Sloboden pecat