
КИЕВ (АА) – Турскиот премиер Ахмет Давутоглу, рече дека ерата на Советскиот Сојуз заврши пред две и пол децении и дека секој обид на руските власти повторно да го оживее тоа време е осудено на пропаст, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на турската влада Давутоглу денес е во официјална посета на Украина, а по средбата со неговиот украински колега, одржана е средба на пошироките делегации на двете земји, кои се согласија да ја интензивираат билатералната соработка во различни сектори.
Двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција на која е истакната силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а осудена е агресивната политика на Русија во Украина, Сирија и другите земји во регионот. Давутоглу рече дека Турција сè уште го гледа Крим како територија на Украина, без оглед на нелегалната анексија од страна на Русија.
„Русија денес е закана за територијата на три држави, Грузија, Украина и Сирија. Со поддршка од Ерменија, Русија се заканува и на територијалниот интегритет на Азербејџан”, рече Давутоглу.
Истакнувајќи дека Русија грубо ги крши човековите права во Крим, Давутоглу рече дека сака да им порача на руските власти дека советската ера заврши пред 25 години.
„Обидите да се реанимира тоа време не може да донесе ништо добро за Русија. Ниту рускиот народ не ја поддржува идејата дека по тој пат треба да се оди слепо”, рече Давутоглу.
Коментирајќи во врска со ситуацијата во Сирија, Давутоглу остро го осуди денешниот руски балистички напад врз училиште и болница во Aзаз, додавајќи дека сирискиот режим со поддршка од Русија и други партнери ги крши сите меѓународни норми во обид пред постигнување на решение за кризата да заземе најдобра позиција на теренот.
Тој ги негираше наводите на сириските официјални лица дека турски војници ја преминале границата и влегле во северниот дел на Сирија.
„Моментално, ниту еден член на турските безбедносни сили не е во Сирија. Турција е со сирискиот народ, но никогаш не била окупатор во Сирија”, истакна Давутоглу.








