Како што дознавам од добро проверени судски извори, распитот на судиката во скопскиот Кривичен суд Н.Н. (името познато на Редакцијата), која судела во претходна судска постапка по обвинителниот акт „Титаник“, поднесен од Специјалното јавно обвинителство, траел длабоко во ноќта и завршил со решение да не се притвора судиката, туку да се остави уште извесен период да ја врши својата судиска функција од слобода. Како обезбедителна мерка, на судиката ѝ е одземен пасошот, за да не ја напушти земјата. Наложено ѝ е секој ден да се јавува во судот каде работи и да продолжи да дели правда. Судиката и за време на расправата, а и во текот на денешниот ден, одбрала да се брани со молчење.

Судскиот совет во состав Миле (викан „Че“) Јанакиески, Гордана (викана „ВМРО-МВРО“) Јанкуловска и претседателот на Судот Владимир Панчевски (викан по телефон), засилени со меѓународен стручен странски мониторинг од страна на Едмонд Темелко, воделе жестока расправа за тоа дали делото за кое е обвинета судиката – имено, сакала да суди според поднесен обвинителен акт од страна на СЈО за организирана банда за местење избори – спаѓа во тешки кривични дела против етосот и стандардите на судската професија во Македонија? Во таа расправа, членот на судечкиот совет Јанкулоска учествувала со телеконференциска врска (бидејќи, превентивно, била замината во странство), но го отворила својот црн судиски тефтер што го носи и чува како Библија и од кој јасно се гледало дека судиката Н.Н., откако своевремено поминала на распит кај Мијалков, била долгогодишен верен соработник на партијата на власт, што ѝ е земено како олеснителна околност при вршење на делото (во обид).
Од друга страна, моите извори тврдат дека „Че“-Јанакиески уште од самиот почеток бил за ригорозна и по итна постапка примена на законските основи за притвор, бидејќи брзал да се врати дома, во Прилеп, каде морал да пишува домашно за курсот по кинески јазик со заглавје: „Множење, со акцент на делење, на мандарински“.
Всушност, конечното решение за тоа дека судиката може да се брани и да продолжи да суди од слобода морал да го донесе лично Никола Груевски, претседателот на Уставниот, Врховниот, Апелацискиот, Прекршочниот и Управниот суд на Република Македонија, како и на Јавното обвинителство, на Судската академија, на Адвокатската и на Нотарската комора на Македонија, кој во 3 часот и 30 минути утрината бил консултиран за негово мнение по повод обидите на судиката да суди по обвиненијата и барањата за притвор на Специјалното обвинителство. Наводно, претседателот на целиот правосуден систем Груевски, затечен недоразбуден во утринските часови, оптегнат на кожниот тросед во кабинетот на претседателот на Владата на РМ, прво не разбрал за што го прашуваат, но потоа промрморел: „Пуштете ме да спијам, говеда и цепенки едни!“ – и затворил телефон.
Заради лошата телефонска врска, Судечкиот совет таа ноќ оваа порака ја разбрал како: „Пушам и пијам, го веднам и по цели дни!“, што било протолкувано како знак дека Груевски, во мериторна постапка, сака судиката да се пушти на слобода. По телефон е консултирана и правната експертка, проф. д-р Каракамишева, која се согласила дека правната формулација на делото „го веднам и по цели дни“ е основ за бранење на судиката од слобода.
Со тоа, судскиот совет е распуштен, откако сите го потпишале записникот од расправата. Набљудувачот Темелко, од верски причини, наместо потпис, ставил крвче.
Со содржината на одлуката јавноста ќе биде запознаена преку соопштението на службата за односи со јавност на македонското судство, ТВ Сител.
Ете, така, во драматични правосудни околности, судиката Н.Н. таа ноќ спаси жива глава од притвор. Македонско судство – Остваруваме!
Сашо Орданоски










