
ДП – Господине Митрески најпрво би сакале да Ви се заблагодариме што еве сепак издвоивте драгоцено време за едно кратко интервју на ДУБАИ ПОРТАЛ, преку кое во најкратки црти би сакале да го пренесеме и видеме вашето гледиште на моменталната состојба во државава, а се разбира и она што нас најмногу не интересира, состојбата во нашиов регион.
Ј.М. Ви благодарам на поканата. Навистина долго време се договараме да поразговараме за работи кои се од интерес на граѓаните, заради нивно информирање, но еве конечно се сретнавме и Ви стојам на раполагање за сите прашања. Можеби уште подобро е што денес е петок, крај на работната недела, и можеме порелаксирано и подолго да разговараме за сите прашања.
ДП. Г-дине Митрески како ја отценувате моменталната состојба во државава, гледано од политички и економски аспект.
Ј.М. Република Македонија е во сериозна политичка криза, несомнено најголема и најтешка после кризата во 2001 година. Така наречените „бомби“ на претседателот Заев или проектот Вистината за Македонија откри сомнежи за сериозни злоупотреби на власта, сомнежи за корупција во нејзиниот највисок врв, кршење на човековите права, изборни нерегуларности, мешање во работата на судството, нарушување на слободата на медиумите итн. Тоа беа работи кои на јавноста мораше да и бидат презентирани и тоа токму на таков, транспаретен, искрен, чесен начин. Потоа се случи големиот граѓански собир на 17-ти мај на кој присуствуваа околу сто илјади граѓани за да го искажат своето незадоволство од тоа на кој начин се практицира власта. Се поставија шатори пред Владата и скоро два месеци се протестираше пред нејзините врати. Сето тоа доведе до познатиот договор од Пржино, но сведоци сме дека и неговата реализација тешко оди, се кочи на секој можен начин од претставниците на власта. Очигледен е стравот кај Никола Груевски од соочување со одговорноста за целикопиот криминал и коруцпија во изминатите 10 години, за незаконското прислушување на над 20 илјади граѓани. Обвинителката Катица Јанева и специјалното јавно обвинителство се уште се блокирани во својата работа, сите одлуки што ги донесоа министрите и замениците се дочекани на нож и оптруирани, ништо нема од ослободувањето на МРТВ, се уште нема гаранции дека ќе се одржат слободни и фер избори. Значи, политичката криза сеуште трае. Каква е економската состојба? Доволно е секој од нас да го отвори фрижидерот и да погледне во него. Податоците говорат дека 180 илјади наши сограѓани живеат со 40 денари на ден. Со тие пари не можат да се купат ниту два леба. Деновиве слушнавме дека на 27 илјади наши сограѓани им се блокирани сметките за неплатена радиодифузна такса. Над 50% од младите се невработени. Лидери сме по сиромаштија. 500 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштија. Ние сме на 12 место од вкупно 180 земји по беден живот во друштво со некои афрички земји. И за тоа за кое најмногу се фалат, за странските инвестиции, најслаби сме во регионот. Пред нас е и Косово кое стана држава пред две години. Со Србија и Албанија не можеме ни да се споредуваме. Јавниот долг расте. За последните осум години тој е зголемен за повеќе од дупло. Нема исплата на пензија или плата во администрација ако пред тоа не се земе кредит. Народски кажано, живееме на вересија. На фирмите им се наметнуваат нови давачки. Пред една година им наметнаа нови фискални каси и тоа не по една туку по две, заtоа што требело да имаат една резервна. Пред некое време им наметнаа нова давачка од 60 евра за ГПРС врска. 60 евра за ништо. Казни на секој чекор. Затоа 10 илјади фирми се затворени. Над 30% проценти од тие што постојат се со блокирани сметки. Ова не се податоци на СДСМ, ова се податоци од државните институции и од признати меѓународни организации, податоци што ги објави и Светска Банка. За жал, таква е состојбата. Тоа го констатира и извештајот на Европската унија.
ДП.Сметате ли дека сите извештаи што Македонија ги добива од ЕУ, како што рековте пред некој ден во собранието дека ја отсликува моменталната состојба во која се наоѓа нашава држава?
Ј.М. Извештајот на ЕУ ја отсликува реалната состојба во нашата држава. Проблемот е во тоа што секоја година добиваме полош и полош извештај. Оваа година го добивме најлошиот извештај досега. Ако во ланскиот пишуваше дека Македонија е во ќор сокак, во годинешниот пишува дека дополнително назадуваме. Во последниот извештај, за кој говорев во Собранието, не само што ја констатира политичката криза, туку оди и чекор понатаму и ја лоцира вината за истата. Таму пишува дека скандалот со неовластеното следење на комуникациите, скандалот со прислушкувањето, е вина на високи владини функционери и дека тој скандал открива нарушување на основните права, мешање во работата на судството, нарушување на слободата на медиумите, изборни неправилности, партизација и корупција. Ниту кај комисијата не постои веќе сомнежот за тоа кој го вршел прислушкувањето. Зборовите кои се користат навистина директно удираат во целта, посебно во деловите за кои ЕУ и целата македонска јавност смета дека се рак рани не само на нашиот европски пат, туку рак рани на тоа како навистина се живее во нашата држава. Во адресирањето на критичните точки се користи остар речник, зборовите се јасни, прецизни и недвосмислени во објаснувањето на вистинската состојба. Ивештајот е огледало на катастрофалната состојба и јас во собраниската дебата не видов дека некој не се согласува со неговата содржина. Сепак, задоволен сум што препораката е зачувана, но исто така, мора да се знае дека таа е условена од целосно спроведување на итните реформски приоритети наведени во извештајот на Прибе, од спроведувањето на договореното во Пржино и од одржувањето на фер, демократски и слободни избори во април, следната година. Според тоа, ЕУ тогаш дополнително ќе одлучува дали препораката ќе остане.
ДП. Преку некои медиуми, кои Вие ги нарекувате провладини, гледаме како власта веќе преку одредени проекти, ветувања и други активности се обидува да ја добие довербата од граѓаните.
Како денес изгледа борбата на СДСМ обидувајќи се да допрате до граѓаните и укажате на сето она што се случува во нашава држава притоа имајќи го во предвид и, како што тврдите, медумскиот мрак наметнат од страна на власта и нејзините медиуми опишувајќи ја ситуацијата како идеална. Успевате ли во таа ваша борба, како што велите во борба за нов почеток на Македонија?
Ј.М. Во прашањето веќе дадовте и дел од одговорот. Состојбата е розова, нереална, виртуелна, само во вестите на провладините телевизии. Од една страна, вестите на тие телевизии почнуваат и завршуваат со најбезобразни манипулации, купишта лаги , необјакетивно и непрофесионално известување, постојано водење на медиумски хајки против СДСМ, опозицијата и секој оној кој размислува поинаку од власта. Од друга страна, активностите на власта, наводните проекти, кои не се реални, туку виртуелни прикажуваат состојба како да живееме во Швајцарија. Во народот постои една анегдота, ако уклучиш Сител живееш во Швајцарија, ако отвориш фрижидер живееш во Африка. Таа е вистината. Секојдневно покажуваат снимки како премиерот шета со телефонот и на лице место, како со волшебно стапче им ги решава проблемите на луѓето. Прво, што чекаше Груевски 10 години? Сега се сети на граѓаните, пред избори и пред заминување? Цели 10 години Никола Груевски мислеше само на бизнис интересите на фамилијата, на парцелите нд Водно, мерцедесот од 600 илјади евра, тендерските провизии за споменици тешки 630 милиони евра. Тоа е само голема фарса. Мислам дека тотално го потценаа својот народ. Граѓаните гледаат, слушаат и ценат што е тоа што се случува во секојдневието и тоа што веќе го прават преку тие медиуми им е контрапродуктивно, дури наидува и на потсмев. Нивните спинови повеќе не поминуваат. Но, проблемот не е само што СДСМ или другите опозициони партии се нападнати или блокирани од овие медиуми во прикажување на секојдневните активности, посети, пресови или други активности. Тоа СДСМ како голема партија со огромна доверба помеѓу граѓаните може да најде начин да го компензира, со посети во секое населено место, од врата на врата, со директен контакт со нашите сограѓани, почнувајќи од највисокото раководство на партијата, преку пратениците, советниците и секој член и активист на партијата. Најголемиот проблем е што е угушена слободата на говор, слободата на изразување, што се уриваат темелите на демократијата и професионалните стандардиво новинарството. Проблем е што се шири јазик на омраза и меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливост, погрешно и лажно се информира јавноста,. Тоа во објавените разговори во рамки на проектот Вистината за Македонија и сам го призна еден од најекспонираните заштитници на власта, познатиот уредник и водител, Латас. Дали успеваме? Процесо започна, тој процес е незапирлив и од тоа враќање назад нема. Уверен сум дека ќе успееме затоа што целта ни е јасна, целта ни е заедничка и најважно е тоа што друга алтернатива немаме. Кога велам ние мислам на сите граѓани на Република Македонија.
ДП. Во повеќе наврати имавте можност да ги посетитете одредени населби од нашиов регион, каде во разговор со граѓаните Ви беа предочени секојдневните проблеми со кои жителите години наназад се соочуват. Сметате ли дека сегашната власт за изминатите 10 години ги заборавила овие населби? Пред донесување на буџетот на РМ имавте излагање на неколку поднесени амадмани кои се однесуваа на инфраструктурни проблеми во нашиве населби. Дали ќе може нешто накратко да ни кажете за кои проекти Вие како пратеник на СДСМ се обидувавте да побарате финансиски средства?
Ј.М. Со граѓаните на сите населени места сме во постојани контакти затоа што тие се извор на идеи, затоа што тие најдобро знаат како најдобро да се решат проблемите и најдобро знаат да ги утврдат приоритетите. За тоа дали е нешто направено или не најдобро знаат граѓаните. Ниту може да се измисли, ниту може да се излаже. Заеднички е заклучокот дека многу малку, скоро ништо не е направено. Поточно, се што е направено е со самопридонес на населението, со донации од фирмите и со донации од нашите иселеници од странство. Тоа не може да се крие, како што не може да се скрие дека во училиштето во Подгорци немаше струја. Значи состојбата не е подобрена туку влошена. Кога се случило во училиштето да се носи струја со продолжен кабел од соседните куќи? Никогаш. Од тие средби произлегоа и амандманите на буџетот и притоа внимававме да не претераме во барањата. Баравме основни работи, не луксузи. За Подгорци побаравме изградба на пречистителна станица, за Лабуништа доградба на канализационата мрежа и зголемување на капацитетот на водоводот, за Радожда изградба на канализациона мрежа и колекторски систем, побаравме доградба и реконструкција на Општата болница, реконструкција на затворениот пливачки базен, реконструкција на двете детски градинки и неколку други основни работи за другите населени места. Амандманот за Подгорци и за Радожда не беа прифатени, другите поради деловничката процедура во Собранието не беа ниту спомнати, но и за нив пари во буџетот за 2016 нема. Го поддржавме амандманот за чистење на депонијата во Струга, затоа што во летно време се пали, го задушува целиот град, ги брка туристите, но што е најлошо го загрозува здравјето на луѓето.
ДП. Би сакале искрено да ни кажете, дали при поднесување на вашите амандмани знаевте дека однапред нема да бидат прифатени како и голем број на други, кои власта секогаш ги одбива, а подоцна преку други проекти се обидува да ја придобие довербата на истите луѓе на кои претходно им го отфрлила проектот, односно не сакала да го реши нивниот проблем за подоцна да ги лаже со некои мини проекти кои воопшто не се од заедничка важност на населбата.
Ј.М. Најискрено, кога ги пишувавме амандманите мислев дека сите ќе бидат прифатени и тоа од две причини. Првата, затоа што станува збор за основни работи и основни потреби на населението, станува збор за приоритетни работи, не за луксуз. Што е поприоритетно од тоа во Подгорци да се изгради пречистителна станица за да не се загадуваат нивите од отпадните води кога од тие ниви населението добива храна и за себе и за добитокот. Што е поприоритно од тоа во Радожда септичките јами да не се влеваат во Охридското Езеро, а сите сакаме да развиваме туризам. Што е поприоритетно од тоа во Лабуништа, со население три пати поголемо од некој помал град во источниот дел, во летен период, кога се иселениците во својот крај да има доволно вода. Што е поприоритено од тоа да се догради болницата, кога опслужува толку население, а на хирургија можат да обезбедат болничко сместување за максимум 12 лица, кога на интерно нема место и кога условите во болницата се катастрофални. Нормално дека има и други приоритети, но во никој случај приоритет не можат да бидат спомениците или врбите во Вардар. Втората причина пораки која мислев дека тие амандмани ќе бидат прифатени е затоа што износот на овие барања не беше голем. На пример, за Подгорци бараниот износ за пречистителната станица беше помал од 20 илјади евра. Ако вкупниот буџет е над 3,2 милијарди евра, зошто да не очекувам дека за Подгорци можат да се одвојат само 20 илјади евра. Но, се излажав. Ниту еден амандман не беше прифатен.
ДП. Контрааргументите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа дека во Струга се вложува многу, ги спомнаа ракометното игралиште во Струга, ТИРЗ зоната, опрема во болниците и некои други.
Ј.М. Ајде од првото. Трибините на отвореното ракометно игралиште во Струга ги гради АД ЕЛЕМ, односно тоа не се прави од буџетот. Трошоците на ова АД за вакви работи иако тоа не е негова функција, ниту негова дејност ги признава регулаторна комисија и затоа ние плаќаме повисоки сметки за струја и затоа ни е укината ефтината струја. Парите што ги даваме за даноци одат во буџетот и од тие пари треба да се градат патишта, училишта, детски градинки, игралишта и други работи. Ако плаќаме даноци за да се прават вакви работи тогаш тие треба и да се прават, ама тоа не значи дека треба да плаќаме и поскапа струја за истите работи. ТИРЗ зоната е добра работа и за тоа се согласувам, но сепак мислам дека работите одат бавно, а во буџетот не видов дека за 2016 година се предвидени пари за неа. Не се согласувам со тоа да не се знае колкави ослободувања и колкава државна помош им се дава на странските компании што се најавени во таа и во сите зони зошто мислам дека ако така им се помога на домашните фирми ефектот би бил поголем. Во буџетот за 2016 година Струга е спомната само еднаш и тоа во делот за блок дотации, односно колку пари се издвојуваат за основните и средните училишта. И таму состојбата е катастрофална, односно средствата за основни училишта зголемени се за 20 илјади евра, а за средни намалени за 60 илјади евра во однос на 2015 година. Сите знаеме во каква состојба се основните училишта. За споредба, во буџетот средствата за дневници за службени патувања се зголемени за над 630 илјади евра, а за училиштата во Струга ништо. Менаџерска способност на директорите стана тоа колку пари ќе најдат од фирмите како донација или колку пари ќе скратат од наставниците за работи кои дополнително ги прават за да направат нешто во нивните училишта. Не би сакал да сум во нивна кожа и да бранам ваков буџет. Тие тоа добро го знаат. Ако ги соберете сите пари вложени во сите 10 години владеење на оваа власт се добива износ помал од 2,4 милиони евра. Заради јавноста ќе направам неколку споредби. Скулпторката на неколку споменици од проектот Скопје 2014, која никој не ја познава, за една година добила 2,9 милиони евра. Струга за 10 години доби 2,4 милиони евра, таа за една 2,9 милиони евра. Само еден од лавовите поставени во проектот Скопје 2014 вреди повеќе отколку што добила Струга за сите 10 години. Во проектот Скопје 2014 потрошени се над 630 милиони евра за споменици, фасади, врби, тркала и огради и тоа е за над 260 пати повеќе отколку што Струга доби за последните 10 години вкупно. Во овие десет години владата имала на располагање вкупен буџет од 25 милијарди евра, а Струга од тие пари добила 0,009 проценти. Таа е вистината. Таа не е сложена пресметка и човек не треба да е математичар за да знае.
ДП. Сметате ли дека преку поединечни вработувања преку кои подоцна власта ќе ги принудува-задолжува вработените да и носат гласови или ќе “летаат“ од работа како и “изградбата“ и “реконструкација“ на некакви си евтини објекти се решава заеднички проблем на една населба. Еве како пример ќе ви посочам неколку. Населба Лабуништа, сеуште има неисправен водовод, проблеми со диви депонии, руинирана патна мрежа, а сега се најавува и еколошка катастрофа со каменоломот кој се наоѓа во атарот на ова населба и се заканува на земјоделските површини. Сметате ли дека поединечните вработувања, како и “изградбата – реконструкција “ на објекти со некакво си крпење дека претставуваа долгорочно заедничко решение за една населба. Односно се гради-гради, а истите проблеми остануваат и понатаму?
Ј.М. Јавна тајна е дека така се однесуваат кон вработените во администрација. Да не се повторувам, тоа го слушнавме во и во бомбите на опозицијата, тоа е нотирано и во извештајот на ЕУ. Една од задачите на новите министри и заменици е и да го спречат тој нехуман однос. Има и една пострашна работа. Ги лажат тие луѓе дека доколку дојде до смена на власта ќе бидат избркани од работи. Тоа е лага и чиста манипулација и тоа не го прават од жал или грижа за нив, туку единствено за да ги задржат личните привилегии.Тие се вработени заради нивната стручност или образование, тоа сами си го заслужиле и за тоа на никој не му се должни. Ниту некој ќе ги брка од работа, ниту може тоа да го направи. Жално е да се игра со егзистенцијата на луѓето и да се плашат и притискаат на ваков начин. Добрата вест е што дел од нив го одбиваат стравот, а другиот дел тоа ќе го направат во периодот што следи. Би им пратил порака на тие вработени воопшто да не се плашат за своите работни места. Вториот дел од прашањето е за проектите што наводно допрва ќе ги прават. Да, ќе доаѓаат и ќе ветуваат брда и долини зошто им гори под нозе. Пред неколку недели во Собранието на РМ еден од министрите рече дека е распишан тендер за изработка на техничка документација за спортска сала кај основното училиште Јосип Броз Тито. Интересното е во тоа што камен-темелник за таа сала е фрлен пред 8 години. Е како фрлиле камен темелник кога немало техничка докуемнтација? Кога лажеа? Тогаш или сега? Такви работи ќе прават и во следниот период. Ќе доаѓаат и наводно ќе собираат предлози и ќе решаваат проблеми. Во Струга и околните населени места вината ќе ја префрлаат на локалната самоуправа, затоа глумат кавга со градоначалникот Села. Нема да ме чуди и ако дојдат во Подгорци и речат дека ќе ја направат пречистителната станица кај Ешмеров бунар иако пред еден месец го одбија амандманот. Нема да ме чуди и да речат дека владата дала пари за некој проект, ама Села не го правел. Ако е така, зошто не му поднесат пријава на градоначникот кога целата власт е во нивни раце. Ама не е така. Народот вели лажат, сушат. Не ме чуди и да реализираат некој ситен проект или наводно да бараат идеи од граѓаните. Тоа го правеа и за минатите избори, за предминатите и за сите други. Што остварија од тие идеи? Но, на граѓаните тоа им е јасно како бел ден. Ќе повторам, многу го потценаа својот народ. Проблемите во Лабуништа со депонијата, водоводот и каменоломот не бараат одлагање со оглед на тоа што таму живее големо население, а со нерешавањето на овие проблеми директно е загрозена животната средина, но што е пострашно загрозено е нивното здравје. Тие проблеми треба брзо да се решаваат, дури нема поголеми последици. Ова се тие основни проблеми за кои зборуваме за жал во 21 век. Така е кога се измешаа сите приоритети.
ДП.Пред една недела имавте партиски конгрес кој се однесуваше за Вашата изборна програма за претстојните избори. Дали сте задоволни од тоа што го пишува во неа?
Ј.М.: Да, на 13-ти овој месеc се одржа партиски програмски конгрес на кој се усвои Програмата на СДСМ за победа на следните парламентарни избори. На оваа Програма на којашто Социјалдемократскиот сојуз посветено работеше, програмскиот тим на партијата, комисиите на партијата, заедно со внатрешни членови, но внимателно слушавме мислења, сугестии, предлози од надворешни соработници, граѓани, стручната јавност, невладиниот сектор и од интелектуалците. Нашата клучна цел е Македонија да биде земја со бројна и економски стабилна средна класа, не општество на мала група многу богати и мнозинство сиромашни граѓани. Стабилната средна класа ќе биде гарант и носител на демократијата и слободата. Според пристапот во изработката, според начин на избор на приротетите, но и според податоците за моменталната состојба и со правилна распределба на финансиските средства убеден сум дека истата е остварлива. Секој човек ќе се пронајде во неа. Сите области од секојдневниот живот се детално обработени. Ќе ни треба многу време да ги образлагаме посебно и затоа овде ќе застанам. Во разумно време истата ќе биде испечатена во доволен број примероци за да стигне до секое семејство и да оставиме граѓаните сами да го оценат нејзиниот квалитетот.
ДП.Свесни сме дека власта во наредниот период преку своите институции и одредни личности ќе врши притисоци врз сите сегменти на општесвениот живот во нашава држава. Што би им препорачале на граѓаните во овој период кој ни претстои се до изборите на 24 април, се разбира и на фирмите компании кои се на удар на власта?
Ј.М. Тоа се случува и во овој момент. Шетаат со списоци на корисници на социјална помош и со списоци на пензионери. Информирани сме за нивните активности токму од нивни членови кои не можат да го трпат притисокот. Но разликата е во тоа што ниту ние како партија, ниту граѓаните тоа повеќе нема да го дозволат. Никој повеќе, никогаш повеќе, нема да ја изигра волјата на граѓаните. Избори ќе има зошто ние ги баравме, причините ние ги докажавме и за предвремени избори ние се изборивме. Но избори ќе има само и единствено кога ќе бидат исполнети сите предуслови за кристално чисти избори. Тоа што досега се случуваше нема да се повтори на ниту едни избори во иднина. Мојата порака овој пат би била до оние кои планираат да вршат притисоци кон граѓаните, кон вработените во администрација или кон приватните стопанственици. Оставете ги луѓето сами да проценат, сами да одлучат зошто се работи за нивната иднина и за иднината на нивните семејства. Демократијата и слободата со сета своја сила се враќаат во нашата држава и тој процес никој повеќе не може да го запре.
Г-дине Митрески уште еднаш Ви благодарам за вашето одвено време и видување на моменталната состојба во нашава држава и нашиов регион. Се надевам дека и во следниот период ќе имаме можност повторно да се сретнеме и поразговараме околку моменталната состојба која би се одвивала во текот пред предстојните избори, а се разбира и после предстојните избори.
Ви благодарам на поканата. Очигледно имаме уште многу работи да кажеме, односно уште многу прашања останаа неодговорени. Ви стојам на располагање и во следниот период.








