Имајќи ја во предвид политичката ситуација во нашава држава и настаните кои во изминативе денови за жал не изгледаат како што треба да изгледаат како во една нормална држава, притоа потенцирајќи особено на моменталната состојба кои одредени виртуелни медиуми под сценарио на власта прикажуваат едно, а ситуацијата со која се соочува нашата држава и нашите граѓани, покажува нешто друго. Од тука се одлучивме за наше интервју преку кое на некој начин ќе се обидеме да ја прикажеме, за жал вистинската реалност, реалноста со која денес сме соочени сите ние во оваа наша држава, особено со моменталната состојба во Струга.
Овој пат гостин во нашата редакција, во нашето интервју ни беше г-днот Даме Ложанкоски, претседател на општинската организација на СДСМ – Струга, со кого можевме и да поразговараме и одблиску се запознаме со за моменталните активности на ОО СДСМ-Струга.
ДП: Господине Ложанкоски најнапред ви благодариме што се јавивте на нашата покана и одвоивте време да одговорите на нашите прашања.
Ложанкоски: Ви благодарам на поканата и издвоениот простор во вашиот медиум за да ги искажам моите ставови како претседател на општинската организација на СДСМ Струга.
ДП: Станавте претседател на општинската организација на СДСМ Струга во едно бурно време. Веднаш после назначувањето за претседател ја раскинавте коалицијата на локално ниво со ВМРО ДПМНЕ. Која беше причината за тоа?
Ложанкоски: Точно е дека една недела после моето назначување за претседател дојде до раскинување на коалиција. Значи кој и да беше назначен за претседател на СДСМ Струга ќе се случеше истото од едноставна причина што беа прекршени принципите на коалицијата договорени во предизборниот период.
ДП: Кои беа тие принципи?
Ложанкоски: Основниот принцип беше интересот на граѓаните, наместо партиските интереси. Тоа ВМРО-ДПМНЕ не го почитуваше. Поради тоа пропаднаа неколку седници на советот, не беше избран ниту претседавач на Советот, се до моментот кога советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Струга изгласаа предлог на градоначалникот Зијадин Села, односно го изгласаа актуелниуот претседавач Абдула Ќазимоски.
ДП: Да, ама тој предлог заедно со советниците на ВМРО ДПМНЕ го гласаше и советникот на СДСМ Ристо Ќушкоски…
Ложанкоски: Тоа беше негов личен став. Ставот на СДСМ, како советници и јас како претседател на општинската организација на СДСМ го искажавме во јавност преку изјава за медиуми пред почетокот на седницата, а и од говорница на самата седница. Очекувавме дека советниците од ВМРО ДПМНЕ ќе го прекршат договорот. За ВМРО-ДПМНЕ секогаш партискиот интерес е над интересите на граѓаните. Советничката група на СДСМ се фокусираше исклучиво на интересите на граѓаните и продолжи да работи на решенија за справување со проблемите на граѓаните. СДСМ не може да функционира со советници коишто се водат исклучиво од партискиот инетерс и кои не се оградуваат од политиките на Никола Груевски.
ДП: За каков интерес на стружани станува збор?
Ложанкоски: Тогаш рековме, а денес тоа е потврдено дека не станува збор за интерес на стружани, туку за партиски интерес и личен интерес на неколкумина во раководството на ВМРО ДПМНЕ од Струга.
ДП: Како денес функционира советот на оптшина Струга?
Ложанкоски: Денес има една вистинска опозиција, а тоа е советничката група на СДСМ и една советничка група која глуми опозиција, а тоа е советничката група на ВМРО ДПМНЕ…
ДП: Како може да се глуми опозиција кога нивните изјави се оштри кон градоначалникот Села и обратно неговите изјави кон ВМРО ДПМНЕ?
Ложанкоски: Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ нема граници. Изјавите на нивните партиски состаноци се уште поостри од тие што ги слушаме во јавност кон Села но, тоа е со единствена цел за манипулација на нивните членови, и обиди да се манипулира јавноста. За да ја прикријат својата манипулација дури и безсрамно лажат дека ние сме биле во коалиција со Села, што не е точно, а граѓаните тоа го знаат. Еве на пример што се случи со времените објекти во Струга. Советниците на ВМРО ДПМНЕ ја гласаа одлуката на градоначалникот Зијадин Села за отстранување на тие објекти, а потоа изјавуваа дека Села прави безредие во Струга. Смешно и жално. Резултатот на тоа беше дека многу семејства во Струга останаа без основната егзистенција. Или еве друг пример. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ јавно зборуваат против Села ама сите директори во училиштата се членови на ВМРО-ДПМНЕ дури некои од нив имаат високи партиски функции. Зошто не се повлечат од директорските или раководните функции ако не се во коалиција со Села? Од друга страна, зошто Села кога зборува против ВМРО ДПМНЕ не ги разреши директорите кои тој лично ги постави? Тоа е тоа. Затоа велам глумат опозиција. Едно зборуваат, друго мислат, а трето прават. Уште полошо е што играат на национална карта глумејќи кој е поголем Македонец или поголем Албанец, внесуваат омраза, поделби меѓу луѓето, ама тоа го прават само за во јавност. Во тајност одлично функционираат. Но граѓаните се мудри. ВМРО-ДПМНЕ веќе се прочитани од граѓаните на Струга и цела држава. Прочитани се затоа што лажниот, виртуелен патриотизам го користат само како алиби за полнење на нивните џебови и одвлекување на вниманието на граѓаните од вистинските проблеми.
ДП: Кога ги спомнувате училиштата, може ли да одговорите која е причината за нивната лоша финансиска состојба?
Ложанкоски: Точно е дека училиштата во Струга се во лоша финансиска состојба. Не е само во Струга туку и во Охрид, во Кичево, во Битола и други градови. Сметките на основните училишта во Струга се блокирани неколку години поради натрупани долгови. Затоа имаме случаи во зима да немаат огрев, а пред неколку месеци бевме сведоци дека немаат ни струја. Децата се смрзнуваат, нема основни услови за учење. Нема поголем страм од тоа. Никола Груевски потроши 630 милиони евра за споменици а децата немаат основни услови. Тоа би рекол и грев и спрема учениците и спрема настваниците. Искрено мислам дека вината за тоа е најмала на општината или градоначалникот Села. Причината се малите средства што се одвојуваат од буџетот на РМ за училиштата во Струга. Ние како советници изгласавме неколку одлуки со кои општината го презеде дел од долгот на училиштата и проблемот се реши привремено. Со тие пари можеше да се асфалтира некоја улица, да се направи тротоар, да се реши некој инфраструктурен проблем во градот или селата, но кога државата ги остава училиштата без пари мора некако да се реагира. Тоа треба да го знаат стружани и да знаат дека проблемот не е решен, односно дека училиштата уште имаат големи финансиски проблеми. Прашањето за овој проблем треба да го поставите до тројцата пратеници од ВМРО ДПМНЕ од Струга и едниот пратеник од ДУИ зошто гласаат буџет во собрание на РМ кога парите предвидени за училиштата не стигаат ниту за основните потреби.
ДП: Во јавноста излезе информација дека како советници си изгласавте одлука за да си поделите меѓу вас пари за нова година. Дали е тоа точно?
Ложанкоски: За таа одлука за новогодишната програма советниците од СДСМ гласаа воздржано, поради одредени одреби во неа што беа корисни за градот. Струга е туристичко место и на некој начин и со тоа треба да привлеку туристи и од дома и од странство. Парите што се предвидени за советниците, ние како советници од СДСМ ќе ги донираме во добротворни и хуманитарни цели. Така направивме лани и така ќе направиме и оваа година.
ДП: Вие сте претседател на општинската организација на СДСМ Струга. Како функционира општинската организација во Струга?
Ложанкоски: Можам слободно да кажам дека општинската организација функционира со полн капацитет. Членството е мотивирано, обединето и подготвено. Довербата на граѓаните во СДСМ е голема и ќе направиме се да ја оправдаме. Партиските комисии од сите области функционираат безпрекорно. Исполнети се со луѓе кои се познати во својата фела. Сите даваат свој придонес во носењето на одлуки и изнаѓањето решенија во интерес на граѓаните. Овие комисии дадоа свој придонес во изработката на изборната платформа и во сублимирањето на предлозите за програмата на СДСМ коишто секојдневно се уште доаѓаат. Форумот на жени и клубот на млади исто така даваат свој придонес во целокупното работење. Вратите на партијата се отворени за сите граѓани кои сакаат да помогнат и на партијата, но што е поважно на државата за нејзино враќање на вистинскиот колосек. Презадоволен сум и од тоа што секојдневно пристапуваат нови членови, а задоволството е уште поголемо кога тие се од различна етничка и верска припадност. Во тоа најмногу помогна проектот Вистината за Македонија со кој граѓаните имаа прилика да слушнат со каква кормпирана и криминална власт имаат работа, со какви нечовечки методи се служи таа власт само да се одржи. Граѓаните бараат промени и тие промени ќе се лучат на 24-ти април.
ДП: Цело време ве обвинуваат дека немате партиска програма. Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ пред неколку дена излезе со еуфорично најавена нова програма велејќи дека ќе ги приберат и реализираат сите проекти кои ќе ги добијат од граѓаните преку прибирање на нивните идеи. Кој е вашиот коментар?
Ложанкоски: ВМРО ДПМНЕ и досега го правеше истото манипулирајќи со граѓаните. Но еве нека одговорат, целата јавност, сите граѓанин на оваа држава се прашуваат од каде им е идејата да се потрошат над 630 милиони евра на споменици? Во која програма на ВМРО-ДПМНЕ пишиуваше дека Никола Груевски ќе купи мерцедес од 600 илјади евра и ќе го крие од јавноста? ВМРО-ДПМНЕ и Никиола Груевски во изминатите години мислеа само како да се збогатат и ништо друго. Се друго е само гол популизам и гола пропаганда. Има ли поголем популизам од тоа премиерот да шета со микрофон и на лице место да им помага на лужето со барање лекови за нивната болест, а секојдневно во болниците да ни умираат луѓето од мизарни причини, да умираат родилки и новороденчиња како да живееме во некој афричка држава. Десет години не изградија ниту еден инфраструктурен објект од енергетиката, десет години не направија ниту еден метар гасовод, за десет години изградија осум километри автопат, а потрошија 25 милијарди евра народни пари. И сега ова што го најавуваат не е од буџетот туку ќе го прават со нови кредити кои ќе ги враќаме ние, нашите деца и внуци. Тоа не е програма, тоа е лага. Нека одговорат што е тоа што го ветија и го направија во Струга во овие десет години. Ништо!
ДП: Да, но ве обвинуват дека вие нематеникаква програма…
Ложанкоски: Тоа не е воопшто точно. СДСМ на сите избори излезе со изборна програма од кои што потоа ВМРО-ДПМНЕ крадеше проекти. За следните избори, во рамките на проектот Визијата за Македонија веќе е изработена платформа врз која че се базира изборната програма за претстојните избори. Таа се базира на пет столба. Основната цел е да се спротивставиме на нееднаквоста, на големата разлика во богатството на луѓето, на малкуте богаташи, а огрмниот број сиромашни граѓани, со еден збор да ја вратиме средната класа. Целта ни е луѓето до својата чесно заработена плата да обезбедат пристоен живот. Да не се стегаат кога треба да купат храна, кога треба да платат сметки или кога треба да им дадат пари на своите децџа да си купат нешто во училиште. ИСто така платформата е гражанска и се однесува на сите гражани на нашата држава. Без разлика на етничката или верската припадност граѓаните имаат исти проблеми и заедно треба да ги решиме. Државата мора да има праведна даночна и социјална политика, да има одговорна власт и граѓаните да имаат контрола на власта. Овие и наредните денови платформата ќе ја полниме со идеи кои ги прибираме од сите граѓани кои сакаат да дадат свој придонес. Го посетуваме секое населено место. Секој предлог ни е подеднанко важен. Сите иде ќе бидат разгледани и оние што се прифатливи и остварливи ќе бидат внесени во изборната програма што ќе биде промовирана на програмскиот конгрес на партијата што ќе се одржи на 13 ти декември.
ДП: Ви благодариме за одвоеното време.
Ложанкоски: Ви благодарам на поканата и ви стојам на располагање во секое време за изјава или интервју за прашања кои се од интерес на граѓаните со цел нивно правилно и навремено информирање.
dubai-portal.com.mk








