И ја без мајка ама и бабе без жена – Дек(A)шер колумна за в торба

0
290

Дек(A)шер колумна за в торба

Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

И ја без мајка ама и бабе без жена

            Би свадба помина. Поминаа изборите. Секое чудо за три дена. Некој жали, некој се радува. А Бога ми некој цинично и злурадо се радува и “слави“ пораз на своите. Дал Господ и такви кај нас. Некои СДСМ-овци ја слават победата на ВМРО односно сопствениот пораз. Некои Торбеш-овци се радуваат на поразот на ПЕИ и како и порано што ја славеа победата на СДСМ, ПДП, ДУИ, ДПА и др., сега ја слават победата на ВМРО. Многу од нив и не гласале ама важно е да бидат видени на славјето. Колку до вчера беа алергични волци спрема националистичкиот курс и демохристијанската матрица на ВМРО ама денес се ВМРО-овци. Велат такви биле врмињата. Такви  XX-“овци“ има речиси од сите партии и од сите заедници во Македонија и не само од оние кои припаѓаат на византиско-грчко-христијанскиот културно-историски круг (Срби, Власи, Бугари, Црногорци и тн.) туку и од оние кои припаѓаат на османско-исламскиот, муслиманскиот културно-историски круг(Турци, Роми, Бошњаци, Египќани, Торбеши и тн.)

Симболично кажано тие XX- овци тешко дека ќе бидат чувани за дамазлок. Ќе бидат лачени од “стадото“ како јаловици спремни за пастрма или ќе послужат како “храна за орлите и лавовите“, а дотогаш ќе го јадат лебот. Или поточно трошките. Толку и заслужуваат. А трошките се некои десет-дванаесет илјади денари “плата“. Не се многу ама во оваа криза и тоа како крпат по некоја дупка. Згора на тоа “ни орани ни копани“. Со седење дома. А за харамот и халалот? Нема да мешаме сега вера, морал и политика.  Инстникт за преживување е тоа. Кој те прашува за идентитет, идеологија, чесност, морал, образ, душа…Стомакот да се наполни. “Имала би она образа кад не би имала трбуха“, што рекол еден хрватски поет во една поема со наслов “Проститутка“. Ама полн стомак а празна душа? Не знам дали е тоа благослов или проклетство?

Да биле добри за дамазлок ќе си останеле во “сопственото јато“ или “трло“ и немало да дозволат да бидат (пре)товарани од едно во друго трло за да завршат во најголемото. Или ако сакате кажано со политичкиот речник таквите конвертити ќе бидат згрижени во некои задимени канцеларии, во кои можеби и работно столче нема да имаат, како разни заменици, помошници и тн. Се сеќавате на оној виц за новите занимања во бившата ни домовина како “заменик народног хероја“ и “помоќник носиоца партизанске споменице“?

И тоа оние позначајните, за другите ич да не прајме муабет. Тие ќе носат имиња на референти а ќе купуваат бурек, кафе, цигари и други потребштини и ќе вршат курирски задачи и други омаловажувачки и дискредитаторски активности и понекои смешни дејанија. Еден таков во една општина од “наш вилајет“, не знаејќи што да прават со него оние од ДУИ го сместиле во некоја подтаванска просторија и како на мало дете му го дале печатот по цел ден да удира по разните акти и документи. А тој се скапал фалејќи дека е главен таму, ем најгоре, ем поглавен од началникот бидејќи без “неговиот“ печат не бива ништо. Оние пак од ВМРО на еден “војвода“ му дале да се бави со хортикултура, цвеќа да сади и да вади. Смешна деградација не само за него ами и за поимот војвода. Кај се чуло и видело брадат војвода цвеќа да сади.

Шегата настрана ама има голема вистина во сево ова. Би сакал иднината да ме демантира и да видиме некој од овие новопечени ВМРО-овци или коалициски партнери на некоја челна ама значајна функција. На пример една од петте, несметајќи ги изборните, резервираните како претседател и премиер.  Претседател на Собрание, министер за надворешни или министер за внатрешни работи на пример. Не гледам таков ишарет.

Кога такво нешто не доби војводата Тачи на времето, или покасно командантите на ОНА кои со пушка во раце ги бараа своите права, не верувам дека еден Амди Бајрам, Кенан Хасипи, Авдија Пепиќ или оној Демир Далип од Египќаните кој најдегутантно се додворува да не кажам улизува на власта. Не гледам дали некому ќе му успее тоа ако тоа не им успеа на Албанците кои се ем најбројни ем најсилни ем најорганизирани и без кои не е можна стабилна влада.

Едно е сигурно. Груевски по кој знае кој пат победува во Македонија. Но сигурно е и тоа дека победата на Груевски е пирова победа. Неговата жед за апсулутна власт испаѓа како еден опис за среброљубието(во случајов властољубието) во еден хадис на Мухаммед .а.с. со морската вода. “Колку повеќе ја пиеш толку си пожеден“. Тој бараше и доби мнозинство за да не биде уценуван од Ахмети. Ама колку поголемо е неговото мнозинство толку поголеми се и ќе бидат уцените. Тешко дека “војводата“ Тачи ќе може да му помогне против командантот Ахмети кој се заканува со дестабилизација на Македонија. Тој со неговата “тврдоглава мекост“стана помек од јагне. Ама Албанците, особено неговиот адут Села, не само што му “забодија ножеви“ туку  и го одраа и од него направија рушена и неупотреблива пустеќија. Нивната порака е дека може да оди во Владата ама не како претставник на Албанците.

Сигурен сум дека овие денови Груевски или не спие или гледа лоши соништа. Тој е свесен дека не може со Тачи да го реши проблемот “Албанци во влада“ прашувајќи се: “Сега што прајме“? Има уставна можност да бира партнери за мнозинство, има над 60 пратеници го има и Тачи, има претставници од другите заедници, ама нема да има храброст да го направи тоа.

А командантот Ахмети јавно се заканува а тајно го пишува меморандумот со барањата и желби. И тој не спие и се прашува “сега што прајме“? откако ја утна со консензуалниот ултиматом. Башка што неговите се закануваа дека на Иванов ќе му требало пасош за Чаир, Липково и тн. Сега ем се заканува ем ќе мора да свитка кичма и  да бакнува рака ако сака(а многу сака) да биде во влада. Сигурно ќе има и барања. Тие ќе беа многу поголеми ако не се нудеше Тачи и особено ако СДСМ имаше поголема бројка во Парламентот за да размислуваат за други варијанти. Вака ќе мора и едните и другите и третите да го голтнат како горка пилула чаламот со кој се перчеа пред своите гласачи изигрувајќи херои и бранители на Македонците од Албанците и обратно и да играат една игра во која единствено правило е “само поштено па ко кога зајебе“. И оанака сме сите и заебани и победени и поразени. Мислам дека најмногу поразена е Македонија. Дај Боже да се лажам.

Сигурен сум дека “Што прајме сега“? Е прашањето кое е актуелно и во опозицискиот СДСМ и во ПЕИ- Партијата за Европска Иднина, партии кои на минатите избори имаа значителен напредок како во бројот на пратеници така и во вербата кај членството. Но тој кобен 24 декември ем јадоа ќотек  како магариња за потоа како попчиња да се вратат во парламентот и да прифатат не фер и недемократски локални избори во кои ем пак го јадоа стапот ем се растурија како “Бугарска скупштина“. Тоа беше неминовен епилог затоа што и тие тогаш играа по правилото “само поштено па ко кога зајебе“ и сите се заебаа. Најмногу ПЕИ која за прв пат од основањето е вонпарламентарна партија. Да бидам искрен, тоа беше очекувано со oглед на летаргијата и бунилото на раковдството, читај лидерот Цаноски, после ногдаунот на ланските локални избори. Втора причина за наглото паѓање на рејтингот според многумина е и двојната игра, ни риба ни девојка, на Пеи помеѓу граѓанскиот и етничкиот-торбешкиот концепт. Да не заборавиме дека речиси сите заедници во Македонија имаат по најмалку две партии. Една лева и една десна. Торбешите се единствени со една. Ама и таа една некогаш лева некогаш десна, за сите отворена и широка ама за Торбешите тесна. Сега што прајме? Има место за критики, анализи и поуки. Треба да се направи една катарза кај сите Торбеши почнувајќи од лидерот Цаноски па се до оние Торбеши кои злурадо го “славеа“ падот на ПЕИ и невлегувањето во Парламентот во еден типичен самоуништувачки, торбешки манир: “И ја без мајка ама и бабе без жена“! Така некој глупав Торбеш кој не го мирисал татка си се радувал на смртта на сопствената мајка несвесен дека таткото лесно ќе најде друга жена, но тој никогаш нема да најде друга мајка! Е па драги мои Торбеши. дали ние ќе имаме здрава “торбешка мајка“ (партија) или ќе се радуваме на нејзината смрт за инат на “бабета“, јавно повикувам на размислување и прашувам. Сега што прајме?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here