Дек(A)шер колумна за в торба
Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав
Миленко и дванаесетте торбешки апостоли

Да гледаш и да не веруваш! Еден петок, ни црн ни тринаесетти, петок дваесет и осми март треба да влезе во историјата како “Големи“ или “Вели-петок“. Новинарот Миленко Неделкоски, една од четирите перјаници на актуелната власт (покрај Мирка Велиновска, др. Драган Павловиќ- Латас и Јанко “Јади бурек“, со уште тројца негови “мускетари“ (Ивица Јосифовиќ, Братислав Бато Димитров и Александар Пандов), како Исус во Светата земја, како Константин во Никеја ти собрал дванаесет “апостоли“ за неговата “света мисија“, “анТИКВИзација“(алалите ми на израз), христијанизација, македонизација или ВМРОвизација на “Македонците со погрешна религија“.
Внимавајте! Не се тоа какви годе, случајно најдени апостоли. Таму некакви пагани, многубожци и безбожни атеисти. Сите од ред муслимани! И тоа не некакви “црни Арапини“, или таму некои “азијатско-монголски Турчишта“, ниту некакви “клети Шиптаришта“, или “предавнички Торбешишта“. Сите од ред, од прв до последен, се одбрани фини, лојални, културни, едуцирани, европски ујдисани и патриотски воспитани, “чисти Македонци“.
Ама според Миленко, а верувам дека многу други го делат тоа мислење, само што тој е “храбар јунак“ па тоа јавно го изнесува по медиумите, тоа да ти биле малку “нечисти“ Македонци. “Македонци со погрешна религија“, исламска! Да, токму така ги дефинираше истиот Миленко пред извесно време. Дури и ги множеше со “0„(нула). Така барем јавно се фалеше храбриот патриот. (…како што може да се забележи, јас во 6 години сезона во емисија немам викано ниту еден муслиман, ниту еден шиптар(малото “ш“ е негова правописна (не)писменост. Ги множам со нула).
Може да се забележи што беше себетот за една ваква “весела математика“, множењето со нула да даде бројка,- каква (не)случајност или можеби симболика?-дванаесет, а Миленко да го сврти компасот за 180% и одеднаш да го смени курсот на пловидба и со дванаесетте “муслимански апостоли“ да заплови кон “Новата 1979“ год.(погодувате на што алудирам ?), како апостолите на христијанството по тогашната Римска империја. Или, ако сакате како Константин Велики на Соборот во Никеја, да ги собере тие што ги мрази(ги множи со нула-Константин христијаните, Миленко муслиманите). Значи што беше себетот, за оние кои разбираат и ги следат приликите во Македонија и не е тешко да се претпостави. Себетот е еден друг “светец“ по име Никола, премиер на Р.Македонија кој, како неговите предходници од некогашната ЦК на Сојузот на комунистите кои во седумдесетите години на минатиот век кои од тогашните Муслимани во Македонија со декрет направија “Македонци мулимани“, сега сака од Торбешите да го прави истото.
Но има и такви на кои не им е јасно и кои “не се од тука“, се прават “на тошо“ или се мајтапат, па се чудат и се древат, а Бога ми и веруваат и се недеваат дека Торбешите или како некои ги нарекуваат “Македонците мулимани“ или “Исламизирани Македонци“ да ти биле “скриен адут“ на Македонија и да ти ја “дрмаат“ Македонија како Евреите светот. Како некаков Синедрион во чии раце е целокупната моќ на земјата. Кадри од сите профили. Од полицаец, земјоделец, студент, бизнисмен, стоматолог, правник, лекар, експерт по информатички науки, директор, градоначалник, дипломат и тн., до највисокиот профил-член на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ.
Недостигаше уште некој оџа, некој слаткар, пекар или семкар, бурекџија, алваџија или бозаџија и некој ситен или покрупен трговец или бизнисмен од поголем калибар. Ама веројатно тие би ја нарушиле уште повеќе и онака нарушената концепција на Миленко. Ај што вика муслимни во емисија и го прекрши заветот кој сам си го дал, ама не оди некако. Апостоли а оџа меѓу нив. Инаку ќе најдеше некој оџа кој ќе се вклопеше во неговата и во демохристијанската идила на владеачката партија. Дал Господ и такви. Постарите се сеќаваат на еден оџа од Лабуништа кој во времето на “Културните манифестации на Македонците муслимани“ се јавуваше по медиумите пишувајќи за “насилната исламизација“ од страна на Османлиите. По некој таков и сега може да се најде. Ама не. Знае Миленко што прави..
Кој знае што ќе помисли некој патриот гледајќи ја емисијата? Да не испадне дека Миленко шири “исламски фундаментализам“ и го поттикнува “радикалниот ислам“. Тогаш тешко нему. Веднаш, како антидржавен елемент, ќе биде анатемисан и ќе се најде во немилост на власта. А тогаш не му гине вадењето од фиока на правосилните судките пресуди за негово апсење. Веднаш би се нашол во друштво на двајца луѓе (Велија Рамковски и брат Љубе Бошковски) кои некогаш многу ги сакаше почитуваше ама сега ги мрази од дното на душата.
Што се однесува до споменатите занаетчии и трговци. Тие нема потреба да се влечат по вакви емисии. Ем не ги бива за зборење, ем имаат трема пред камери, ем не се претставителни. Тие ќе си легнат на брашното со по некоја инспекциска визита во која ќе се најде некоја неправилност која би требало да резултира со едно месечно затворање на дуќанчето и со глоба од неколку илјади евра, но бидејќи “сме наши“, сето тоа ќе биде покриено, заборавено и заменето со список од десетина гласачи и “ни лук јало, ни лук мирисало“-завршена работа. Допрва ќе се изнаслушаме, изнагледаме и изначитаме изјави од типот “Доста е, преку глава ни е и од комунистите на Бранко и СДСМ, од Албанците на ДУИ и ДПА, од Турците на Хасипи и од ПЕИ на Фијат. Сите не лажеа“. Сето тоа од устите на тие што предходно биле и лојални(можеби овој термин е многу мек) и верни и поголеми комунисти од Бранко и Ахмети заедно и поголеми “Албанци“ од Ахмети и Тачи заедно, поголеми “турци“ од Хасипи и поголеми Торбеши од Цаноски. Со еден збор, поголеми католици од Папата! Торбешка работа!
Проблем е со оние поголемите кои бараат нешто повеќе. Тие и даваат многу ама и во барањата ич не се скромни, немаат усул. За нив не само Миленко и другите новинарски перјаници на власта, ами и инспекторите и другите чиновници од подолниот ешалон се “ситни риби“. Тие не сакаат да бидат Апостоли на еден лажен и недостоен “пророк“како Миленко. Тие си имаат работа со оние “боговите“ од врвот , независно дали се од македонскиот или албанскиот национален корпус. Ќе спомнам само тројца такви, најкрупни “торбешки риби“, според “ранг листата“ др. Драган Павловиќ-Латас во неговиот напис со наслов “Торбешкото лоби и извршителите на СДСМ“ во весникот “Вечер“ бр. 13970 од 05.12.2008 г. Тоа се Велија Рамкоски, Исмаил Јаоски и Фијат Цаноски. Првиот кокетираше со речиси сите “богови од врвот“, направи “империја од Перо Наков“. Дргото е историја, знаеме како заврши. Вториот ем со комунистите ем со Турците, ем со Торбешите од ПЕИ, ем со “терористите“ на ДУИ добро “плива“ во нафтениот бизнис, ама сепак со неговата општина е кираџија кај таткото на Антонио Милошоски од ВМРО. А неговите поданици повеќе личат на прогонети Евреи од Средниот век отколку на богати со нафта Арапи.
Третиот, Фијат Цаноски некогашен коалиционен партнер на Груевски. Деклариран и ачик Торбеш. Ама ете се дрзна својот “Космос“ да го подигне за едо метро повисоко, па “кадиите“ од власта мораа да го рушат. Во меѓувреме и тој со својата ПЕИ, што од инает (патаренски-торбешки) што од прагма, фати оро со СДСМ, кое не го доигра до крај. Тогаш го постигна најголемиот успех –тројца Торбеши во Парламентот. Потоа од само нему познати причини фати оро со ДУИ кое неславно заврши, за сега сам да го поведе орото во кое “ќе се пее“ само антологиската торбешка песна “Асан и Џева“. Злите јазици, песимистите и “пишман аџиите“ му ја предвидуваат судбина на Асан. Демек тој, (Пеи) како Асан дефинитивно ќе “го напушти овој свет“-Парламентот, а Груевски како Мевмед ќе ужива ви “љубовта на лична Џева“-гласовите на Торбешите. Но секоја прогноза е неблагодарна. Затоа што никогаш не се знае кој ветер ќе дувне во главите на Торбешите. За кого ќе ја дадат Џева и кому таа “ќе му баци десна рака“ ќе видиме на 27 април. Точно еден месец по историскиот “Никејски собор“ на Миленко и неговите дванаесет торбешки презвитери или апостоли.










