Кој ни ја мати водата? Или поточно кажано, кој ни ја краде водата? Тоа се прашањата кои многу Торбеши, но и другите граѓани си ги поставуваат во овие зимски, декемвриски и јануарски денови. Прашање едно а одговори …?
Велам Торбеши затоа што токму тие, односно ние, сме најмногу засегнати од тоа прашање. Едното на локално ниво, одлуката на Советот на општина Струга да го превземе стопанисувањето (читај да врши наплата) со водоводите од торбешките села Подгорци и Боровец, ставајќи ги под капата на загубарот “Ј.П. Хигиена“ од Лабуништа која одамна е во канџите на загубарите, нејзините поголеми “сестри“ кој се под ингеренциите на Општина Струга, другото на глобално, проектот на Владата на Р. Македонија наречен “Луково поле“. И едното и другото најмногу ги засегаат Торбешите. Првото, нас Торбешите од Дримкол, второто нашите браќа Торбеши од Долна Река. Знам дека некој ќе ми забележи затоа што на еден “граѓански проблем“ му давам етнички димензии, а водата(и парите) не позанаваат етнички бои. Можеби имаат право и таквите така да мислат. Но имам и јас право вака да мислам и ќе кажам зошто.
1. Затоа што доминантно население во двата региони се Торбешите.
2. Затоа што и Груевски и Села(ги споменувам како олицетворение на институциите градоначалник на Струга и премиер на Македонија) не сакаат да има Торбеши. Не само што не сакаат, Бога ми и работат, на тоа Торбешите да го искористат правото на самоопределување и да бидат “Албанци кои под јаремот на комунизмот биле приудени да го променат нивниот јазик со јазикот на славите од зад Карпатите“ односно “Македонци кои под јаремот на турското ропство биле прнудени да ја променат “прадедовската вера“ со окупаторската вера на окупаторите од анадолија-Турците“ Секако дека овие ступидни и небулозни тврдења се далеку од вистината како небо и земја.
Но блиску до вистината како нокт и месо е фактот што ваквите одродени Торбеши имаат отворено поле за непредок во кариерата како министри, пратеници, градоначалници, советници, претседавачи на Совет, директори на државни институции, советници во владини и општински институции и на други помалку забележителни работно места. Не само тоа. Многу такви седат дома а според “Рамковниот договор“ земаат плата од парите на граѓаните на оваа сиромашна и презадолжена држава, и нивната обврска е само да соберат по дваесетина гласови за партијата која им овозможила вакво “работно место“. Велат, законски било. Да, ама да не заборавиме дека и она што го работел Хитлер било покриено со закони. А каде е тука моралот, достоинството пердето, страмот, понижувањето? Каде е тука верата? Многу од нив лицемерно се повикуваат на Исламот, држат лекции за ислам, харам било ова, харам било она, без да се запрашаат, дали тоа што го прават тие, или поточно кажано тоа шти ним им го прават, не е харам?
3. Затоа што од јавните личности, пратениците на пример, само Торбешите отворено и ачик застанаа на браникот на интересите на граѓаните. На протестите на Подгорчани пред Општина Струга пратениците Џемајлоски(подгрчанец), Цаноски(октишанец) и Дурмиши(реканец од Велебрдо) дојдоа од Скопје за да ја искажат својата солидарност и подршка. Џемајлоски дури беше и оцрнуван и клеветен од неговиот поранешен колега, сега градоначалник Села, дека ги организирал и контролирал “каубојците“– како што ги нарече демонстрантите- за политички цели.
4. Затоа што и во случајот со “Луково Поле“ пратеникот Рејхан Дурмиши се дрзна прашањето да го постави на седница на Комисијата за транспорт и врски во Собранието на Р. Македонија. Секоја чест за сите еколошки и други организации и поединци, но по иницијатива на Торбешот Дурмиши од Партијата за европска иднина комисијата одлучи ова прашање да биде поставени како прва точка на наредна седница на Собранието на Р. Македонија. Што ќе се случува во наредниот период само Еден Господ, Аллах џ.ш. знае. Дали ќе победи интересот на повисоките инстанци на моќта или правдата и интересот на граѓаните(во случајов најмногу Торбешите), останува времето да покаже. Но она што може да се види, се разбира за тие што можат и сакаат да видат, тоа е фактот дека нас Торбешите ни ја “матнат водата“. Ни ја крадат. И не само водата. Се она што Аллах џ.ш. ни дал како природно богатство во тие наши сиромашки, високопланински села во кои некогаш нашите предци(богомилите) се засолнувале бегајќи “главом без обзира“ од смртните закани на византиската црква, византиските цареви и нивните словенски апологети олицетворени во бугарската и српската средовековна црква и нивните цареви како Бориз, Петар, Немања, Душан и др., сето тоа сакаат да ни го украдат. Во овие села најголемото богатство се дрвата и водата. Дрвата одамна не се богатство на тие што живеат по тие села. Во државна сопственост биле. Да, ама одамна во споменатите села Торбешите не можат ни треските и да ги собираат без за тоа да платат, најчесто дебели подмитувања на корумпираните “чиновници“(во наголем број вевчанци) иако најмногу сеча има во Торбешките села. Мал куриозитет кој многу “говори“ е тоа што во Дримколскиот регион единствено во Вевчани нема никаква сеча на шумите а најголемиот дел на вработенитте во подружницата на “Македонски шуми“ се вевчанци, а местото директор како да е резервирано за Вевчани. На прсти можат да се избројат тие од другите села ама меѓу нив нема да “најдете“ Торбеши бидејќи тие “сакаат да го искористат правото на инакво самоопределување“.
Дал Господ и вода ама ете и неа сакаат да ни ја крадат. Дебело да ни ја наплатуваат иако речиси сите села водоводите ги граделе со сопствени средства со самодоприноси и сопствена работна сила. Сето тоа запакувано во демагошката фраза “поширок општествен интерес“! На таквите фрази едно време (осумдесетите години на минатиот век) вевчанци жестотоко се спротивставија и на општинските и на државните власти. Скапо го платија сето тоа. Беа тепани со електрични пендреци, штрајкуваа дури и со глад, но на крајот успеаја да го зачуваат она што им го дал Господ- познатите вевчански извори.
Дали ќе успеат подгорчани (лабуништани оддамна ги имаат спуштено гаќите и се однесуваат како Трпе од вицот со пиштолот кој го чувал во гаќи за не дај Боже) и боровчани да ја сочуваат водата и да не подлегнат под фразата “поширок општествен интере“ кој е на нивна штета останува да се види.
Но уште позначајно е прашањето дали реканците ќе успеат да ја сочуваат Радика. Радика не само што е позначајна од било кој водовод, не само што е една од најубавите реки на Балканот, Радика е симбол на сите реканци, нивно второ име со кое се идентификуваат не само Торбешите од Река. Со еден збор, Радика е животот на реканци. Ако ја снема неа, ќе ги “снема“ многуте песни испеани за Река, ќе ги снема Торбешите кои и онака се десеткувани, отселени по туѓини и јабани. Ќе го снема животот во Река. А некогаш некои туристи ќе доаѓаат на езерото во Луково поле и ќе се информираат за остатоците на едно “безимено“ население кое некогаш живеело на тие простори, опустошени и без жители. А реканските села ќе личат на Галичник каде ни кокошка крачи ни петел пее, каде нема ниеден постојан жител. Со таа разлика што жените од торбешките села нема да прашуаат “коде е директор мож ти“?, како галичанките, туку ќе прашуваат “коде е маџир мож ти“?.
Да се надеваме дека до такво нешто нема да дојде, да го молиме Свевишниот да не го дозволи тоа, но и да Му “помогнеме“ во тоа, не само слепо да се ослонуваме на Бога.“ Врзија камилата и ослони се на Бога“. Овој хадис на Аллаховиот пејкамбер Мухаммед а.с., или арапска мудрост, сеедно, може да биде поука. Од нас самите зависи дали ќе се однесуваме како оној арапски бедуин кој ја оставил камилата не врзана и се ослонил на Аллах џ.ш. да му ја чува или ќе се обидеме со бистар ум, рационално, со аргументи, во границите на нашите можности да се спротивставиме на оние “виши сили“ кои се обидуваат да ни ја крадат водата. Првиот чекор кон сето тоа мислам дека треба да биде прашањето кое треба да си го поставиме. Кој ни на мати водата?

