Дек(A)шер колумна за в торба – Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

0
224

Почитувани Торбеши,пријатели на Торбешите,драги читатели. Почнувајќи од оваа 2014 г. Ќе имате можност да го следите новиот проект на Вашиот пријател и претседател на Румелија Торбешки културно-научен центар Шериф Ајрадиноски. Проектот го насловив како “Дек(А)шер колумни за в торба, со поднаслов “Јас (не) мислам така јас имам ст(р)ав. Ставовите во колумните ќе бидат мој личен став како и изборот на темите, а колумните ќе бидат објавувани секоја декада, значи три пати во месецот и ќе бидат кратки со по десет (ашер) алинеи. Кому ќе му се допаднат нека ги бере в торба за отпадоци. Се надевам дека првите ќе бидат побројни и дека Торбешката „торба„ ќе биде побогата со по некоја реч.

     Со махсус селам и почит. Ваш Шериф Ајрадиноски

Велија Рамкоски

визионер во зандана

Ќе се обидам гласно и отворено, ачик да размислувам. Нека не ми забележат, алал нека ми чинат тие што го кревале до небо но и тие што не го мирисале многу. Искрено кажано јас овој човек не сум го мирисал многу. Но…рака на срце има(л)  и акал и визија.

Торбеш (треба да) е, ама повеќе бил се друго освен Торбеш. Од Дебреште е ама повеќе сторил за Битола, Охрид, Скопје отколку за своето Дебреште. Или поточно кажано, ништо не сторил за Дебреште. Така барем велат моите сознанија. Судбина торбешка или некое проклетство или можда феномен за кој треба да се размисли.

Многу Торбеши кои на некој начин станале “големи луѓе“(најчесто надвор од родната земја), од нив дугите (земји, нации или милети) имале фајде а торбешите, малку нешто или ништо. Велија е можеби еден од таквите. Голем несомнено. Со визија исто така. Гледал човекот многу понапред од другите.

Беше еден од првите основачи на голема фирма Унипроком ( а потоа уште на неколку трговски и производствени фирми). Идеен творец, основач и газда на првата приватна телвизиа А1 која ќе остане уште долго време репер за модерна, отворена најгледана и во служба на народот телевизија. Не верувам дека во блиска иднина некој медиум ќе прасне за да и биде до рамена. Нешто слично беше и со пишаните медиуми како Време и Коха. Од неговата фонддација “Рамкоски“ се офајдиа многу институции , организации и луѓе. Да споменам неколку.  Црквите во Охрид, патеките до нив, Крсте Петков Мисирков, споменикот во Скопје и ожививувањето на ликот и делото на овој деец преку разни манифестации, неколку македонски академици добија кеш (пар илјади евра) како награда за животно дело (ама никој не кажа за какво дело) , некои политичари и политички патии и тн и тн.

Кога во 2010 г. ја основавме Румелија  Торбешкиот културно-научен центар од некои активисти ми беше сугерирано да испратиме официјално барање за подршка и финансиска помош од таа фондација. Не го одбив предлогот но имав извесна скепса. Барем кога станува збор за финасиска подршка. Но една моја идеја која влезе и во програмата на Румелија и која за жал од многу причини остана неостварена и денес, идеја за која сме разговарале со блиските пријатели и соработници се обидив на индиректен начин преку заеднички пријатели да ја споделам со него. Станува збор за еден фестивал наречен “Румелија фест“ на кој бо се изведувале песни на “нашинците“ од Балканот на кој како медиски покровител би била А1 како најгледана телевизија и пред се како “торбешка“-така беше квалификувана и од пријатели и од душмани. Одговорот беше дека Велија и А1 не се заинтересирани за таков проект. Мојата скепса и сомнешите се потврдија. Можеби имаше и мала горчина кај мене но не и злоба или некоја голема лутина за да се ситам на тоа што го снајде. Торбешка работа. Така си го објаснував тоа. В прочем тое е карактеристика на нас Торбешите. Не случајно старите велеа: “Торбеш чужда нафака“. Така што аргасани сме на тоа. И покрај сето тоа судбината што го снајде покасно навистина ме поттресе и како Торбеш и како муслиман и како човек.

Судбината, Господ или некои политички “богови“ одлучија и Велија и А1 и се она што се нарекуваше “Империја од Перо Наков“ да се избрише од лицето на земјата Македонија. Рекоа “нека биде“ и би така. Ако не ја сметаме подршката од луѓето блиски на СДСМ никој жив не мрдна со прст да стори нешто за овој човек. Морам да спомнам дека народот беше солидарен со А1 преку акцијата “И јас сум А1“, но во Македонија не важи латинското “Vox populi, vox Dei”.  Во Македонија одамна “гласот на народот не е и глас на Бога“. Зборот ми е за оние другите општтествени “богови“!             Денес од Империјата на Рамкоски ништо не остана. Тој чами во зандана речиси заборавен од сите, неговата ќерка исто така. Не може да си го види сопственото чедо. Синот во изгнанство, соработниците кој во затвор кој во немилост на власта ама голем број од нив се “омажија“ кај неговите душмани кој во споствената омраза (затоа што на А1 секогаш и гледале од зад грб) што не можеле да нарастат до А1 и се чувствувале мали, злурадо ја славеа “смртта“ на А1 за да се грабат на “вдовиците“-новинарите- и да ги земат во своите Тв “хареми“. А Бога ми успеаја во тоа.. Подоцна сите медиуми заличија на А1. Велам заличија, затоа што сепак не и се до колена на А1.

На најеклатантен и само ним својствен начин тоа го дочараа генијалните хумористи од К – 15 (за жал и тие изчезнаа од лицето на земјата Македонија) кога во еден скеч Бубо (Цацко) вели : “Одам на Сител да гледам А1“.

Нема да бидам фер и коректен ако како посебен исклучок и пример за корктност и доследност не ги споменам неговите новинари а сега пратеници во Собранието на Р Македонија  Сафет Бишевац и Ленче Николовска. Злобниците би рекле, земале плата од него, го јаделе лебот. Да, го јаделе лебот ама и го заработувале со својот труд. Земале од него незаработени и можеби и незаслужени пари и споменатите академици ама молчеа како риба во вода. Не мрднаа со прст барем да кажат нешто против тортурите врз него и неговото семејство, да не говорам за оскористување на нивниот углед и авторитет кај организациите за заштита на човековите права. А Бога ми имаше кршење на човековите права во случајот или аферата “Пајажина“! А некои од ниво промовираа и за Премиер на Р Македонија.

Не знаеме но можеме да претпоставуваме каква би била Македонија со Велија Рамкоски како Премиер и креатор на политиката во Македонија и со А1 како креатор на јавното мислење.  Ама добро знаеме сите ние каква е Македонија со Никола Груевски како Премиер и креатор на политиката во Македонија и со Латас и Сител како креатор на јавното мислење во Македонија. Торбешот Велија тоа го гледал малку порано од другите. Очајнички пред да го апсат предупредуваше на тоа но неговиот глас не стигна далеку. Неблагоддарно е да се коментира во стилот “што ќе беше ако не беше“ но доблесно е и чесно да се каже дека имал човекот визија. Барем јас така мислам. А вие?

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here