Турските власти му забраниле на крузерот „Скарлет Лејди“, кој превезувал речиси 2.000 ЛГБТ патници, да се закотви во планираните пристаништа Кушадаси и Истанбул, принудувајќи промена во последен момент на неговиот распоред.
„Атлантис Ивентс“, операторот на 10-дневното крстарење „Од Венеција до Атина“, соопшти дека турските власти го откажале пристигнувањето на бродот, велејќи дека бил изнајмен за група „позната по своето однесување кое е некомпатибилно со ткивото на нашето општество и нашите морални вредности“.
Наместо да се закотви во Турција, бродот ќе застане во Каиро и грчкиот остров Крит.
Крстарењето превезува околу 1.900 гости, од кои околу 1.100 се од Соединетите Американски Држави, додека останатите доаѓаат од Обединетото Кралство, Канада, Австралија и други земји. „Скарлет Лејди“ е во сопственост на „Вирџин Војаџис“.
Претседателот и извршен директор на „Атлантис Ивентс“, Рич Кембел, за Си-Ен-Ен изјави дека одлуката на турските власти е без преседан за нивната компанија.
„Искрено, доста е шокантно. Објаснувањето е едноставно дека станува збор за геј група“, рече Кембел.
Тој додаде дека бил загрижен кога владата одлучила на кои туристи ќе им биде дозволено да влезат, а на кои не.
„Ова е прв пат во нашето 36-годишно постоење експлицитно да ни биде кажано дека не можеме да се закотвиме во пристаниште поради тоа кои сме“, рече тој.
Тој нагласи дека патниците не биле политичка организација, туку туристи кои сакале да ги видат знаменитостите и да ја доживеат локалната култура.
„Не сме тука за ништо друго освен да трошиме пари, да се забавуваме, да ги видиме знаменитостите и да имаме големо почитување кон секоја култура што ја посетуваме“, рече Кемпбел.
Властите на покраината Ајдин, каде што се наоѓа пристаништето Кушадаси, ја потврдија својата одлука, велејќи дека „апсолутно нема можност дотичната група да ја посети нашата покраина за настан од ваков вид“.








