Норвешката влада во петокот објави дека планира да забрани секаква трговија со израелски населби на нелегално окупираните палестински територии.
– Норвешкиот народ и норвешките компании не треба да придонесуваат за одржување на нелегалните населби. Политиката на колонизација ја поткопува можноста за постигнување решение со две држави – соопшти Министерството за надворешни работи во Осло.
Поточно, владата сака да забрани трговија со стоки произведени во израелски населби на окупираните палестински територии – Газа и Западниот Брег, кој го вклучува и Источен Ерусалим.
Осло, исто така, планира да забрани купување имот во населбите, обезбедување услуги поврзани со изградба, реконструкција, купување или продажба на имот во овие области и стекнување на комерцијални компании чии седишта и производствени капацитети се наоѓаат во населбите – соопшти Министерството.
Владата изготви закон за ова, кој ќе биде предмет на тримесечни консултации, до 19 септември.
– Сакаме да ги забраниме сите комерцијални активности со овие нелегални населби – изјави министерот за надворешни работи Еспен Барт Ајде.
Во законот се нагласува дека Норвешка ќе продолжи со трговските и другите врски со легитимните палестински активности на палестинска земја, како и со обезбедувањето хуманитарна помош.
– Населбите ги поткопуваат самите темели на палестинската држава – рече Барт Ајде, пренесува АФП.









